Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Верувам во добрите луѓе

Социјалдемократската партија е втемелена на идејата за соработка и солидарност. Што значи дека не постои лидер кој си замислил дека е месија и дека е од Бога пратен за да ја спаси Македонија. Јок, море!

НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Отсекогаш му велев на моето „уредништво“ и „началство“ да ме стават во оквир, во „дедлајн“, да ме турат во рамка. Не за нешто особено значајно или скраја било перверзно, туку затоа што сум тврдоврат, непостојан, екстатичен, таков Бог ме направил. Им велев да ми зададат директива, а тие упорно не, пишувај слободно, тогаш кога ќе почувствуваш момент, тогаш кога ќе почувствуваш „осмина од една општествена пауза“.

Ете, ви ги опишав моите окови кои практично се „бедни“ и никакви. А сега, ајде да ги опишеме оковите кои се надвиснати над македонското општество. Или барем оние окови кои се „видливи со голо око“. Имено, оваа земја од 2017 година до денес се бори за нормализација на нејзините граѓани. Се бори за слободен дух и желба за нормален живот.

Сигурен сум дека 99% ги поддржуваат ваквите нормализирани работи: повисоки минимални плати, повисоки просечни плати, повисоки пензии, најразлични врсти на слобода, обид за намалување на класните разлики, солидарност, емпатија, инклузија итн. итн. И се разбира – држава која насилството ќе го сведе на апсолутен минимум пред сè кон сопствените граѓани. Бидејќи сум чувствителен на односот кон насилството, за оваа држава може сè да речеме, може сè да ѝ прекршиме преку колено, ама дека ова е насилничка власт и држава, за такво нешто да тврдиш, навистина треба да ти фали даска во главата.

Се сеќавам од времето на грујовата конфузија (бидејќи тоа беше држава втемелена на насилство и репресија), со некои мои пријатели кои сум ги запознал во „од“, се шетавме на плоштадот Македонија. Бесцелно акавме низ улиците на Скопје и иронизиравме на сметка на грујовата буржоазија и нејзините ситно-сопственички интереси. Добро, некаде беа и турбо-сопственички. Со мојот пријател, ќе го наречам во овој случај В., зборувавме за „Расправа за општествената правда“. Ако сакаш нешто да знаеш за анархизмот, ми вели В., мораш прво да го прочиташ Годвин. Сега кога за тоа размислувам, сфаќам дека постојат луѓе кои ќе ти бидат пријатели за цел живот без разлика на општествените околности. Затоа што тие пријателства изгледаа вака: доаѓаш кај човек кого прв пат во животот го гледаш, ама ве интересираат слични работи, можеби, си велиш, еден ден ќе станеме и вистински пријатели, практично истомисленици, и што е поприродно од такво пријателствување (?), ама претходно, чисто заради формалност, што би рекол Маркс, сакавме да видиме каде ќе спиеме и што ќе јадеме. Ни беше многу јасно дека сите си помагаме едни на други, и така треба да биде.

Така е и денес, не мора да ги познавате луѓето, да бидете интимуси со нив, важно е да се помага на секој еден човек. Така работи идеалот на солидарноста меѓу луѓето. Зошто ми е мене богат живот ако сè околу мене е сиромашно и грогирано? Така се создава и огромен круг на пријателства, добро, не велам дека во такви околности вие некого нема да процените погрешно, дури и често да им задавате способности кои тие ги немаат, без што не може да се направат точни проценки за луѓето. Ама сепак, солидарноста и идејата за општо добро, а не на интима, е клучна за едно општество. Како во Аристотеловиот полис.

Оттука, јас верувам дека ова општество треба уште повеќе да се фрагментира и дели на два пола: оние кои се против Европската унија и оние кои се ЗА Европската унија. И ние, луѓето, кои нешто во медиумите пишуваме и зборуваме, ми се чини, на оваа поделба нужно мора да инсистираме. Оние кои се за Европската унија, во своите програми веруваат дека нормален живот без насилства во оваа држава е можен. И во овој блок (за идеи, вредности и смерници) имаме одговорност да ги повикуваме граѓаните и да ги охрабруваме, во секој дел од оваа наша земја, да ја продолжуваме и продлабочуваме борбата за Европа.

Социјалдемократската партија е втемелена на идејата за соработка и солидарност. Што значи дека не постои лидер кој си замислил дека е месија и дека е од Бога пратен за да ја спаси Македонија. Јок, море! Такво нешто не постои, такво нешто ниту имало, ниту некогаш ќе има. Наша обврска е стотици илјади граѓани да ги организираме, да ги охрабриме и на таквата организација да ѝ се даде политичка и техничка поддршка. Најголемиот јавен интерес на оваа земја е зачувување на мирот и влегување на С. Македонија во полноправно членство на Европската унија.

Мнозинството граѓани на оваа земја, очекуваат Социјалдемократите да најдат начин и општествена сила која ќе се преточи во формална политичка борба. И во оваа борба за Европа треба сите да се вклучат: храбрите и одлучни претставници на уметноста, здравствените работници, просветните работници, селаните, работниците, бизнис заедниците и, на крајот – медиумските работници – сите да влезат во поддршка и организација во политичката борба за Европа!

Верувам дека енергијата од минатите времиња може да се врати; верувам во искрените повици за слободна и Европска Македонија. Верувам во добрите луѓе во Македонија кои го сочинуваат мнозинството граѓани за Европа! – и силно верувам во победа на тој фронт.

Верувам во добрите луѓе кои оваа земја ги има.

И верувам дека нема кого да чекаме. Единствениот што го чекаме сме ние сами. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен