Власта нема монопол врз животот на работниците

работниците

Можеби не изненадува, но сигурно води кон гнев кога власта ја прогласува егзистенцијалната мака на работниците за „политизирање“, а одговорноста ја заменува со медиумски манипулации и директни притисоци, со што ги крши фундаменталните човекови права.

Џабир ДЕРАЛА

Зголемување на минималната плата на 600 евра, линеарно зголемување на сите останати плати за 100 евра и намалување на платите на функционерите кои претходно беа зголемени за 78 отсто.

Ова не се радикални, ниту нереални барања. Се работи за крик, барање да се задоволат некои основни, минимални услови за пристоен живот, што вчера илјадници работници ги побараа на протестите организирани од Сојузот на синдикатите. Барања што произлегуваат од суровата реалност во која една третина од работниците преживуваат под прагот на сиромаштијата, додека трошоците за живот континуирано растат.

Во изминатиот период, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ остана глува на овие барања. Наместо сериозен социјален дијалог, од ден во ден следевме мешавина од популистичка реторика и празни ветувања, кои во реалноста завршуваат како заштита на интересите на газдите, а не на работниците. Синдикатите најавуваат радикализација преку генерален штрајк. Ова мора јасно да се разграничи: протестите и најавите за генерален штрајк се последица на системско игнорирање, а не на „политичка агенда“.

Работниците во Северна Македонија примаат најниска минимална плата во регионот, додека потрошувачката кошница одамна ги надминува месечните примања на просечниот работник. Оваа состојба директно го поттикнува иселувањето и создава сериозен недостиг на кадри во клучните индустрии. Ова не е идеолошка, ниту партиска теза, туку економски и демографски факт.

Очекувано, владејачката партија и премиерот Христијан Мицкоски се обидоа да го минимизираат обемот на протестите, прогласувајќи ги за политички монтирани. Во партиските соопштенија се лицитираше со бројки, со тврдењето дека на протестот имало „само“ околу 1.000 луѓе. Синдикалниот лидер Слободан Трендафилов решително ги отфрли овие обвинувања.

Масовноста, колку и да се трудат власта и нејзините медиумски мегафони, не може да се избрише ниту со лаги, ниту со манипулации.

Дополнителен аргумент за „политизација“ власта гледа и во најавата на СДСМ дека ќе поднесе законски решенија кои ги поддржуваат синдикалните барања. Но ваквата логика е длабоко проблематична: дали тоа значи дека секоја поддршка на работнички права автоматски е злоупотреба, а секое страдање мора да остане аполитично за да биде „дозволено“?

Особено загрижувачки се сведоштвата за организирани притисоци врз работниците за да не учествуваат на протестите. Јавно посочените примери во Македонски пошти и Тутунски комбинат Прилеп укажуваат на директни закани и заплашувања.

Таквите практики не се инциденти, туку системска опструкција на основните човекови права и слободи – правото на протест и слободно изразување, гарантирани со Уставот, законите и меѓународното право. Правото на протест не е милост, туку темел на демократијата, а неговото попречување претставува директен напад врз демократските процеси во целост.

Синдикатите повеќепати јасно нагласија дека мотивот за излегување на улица е егзистенцијалната мака, не партиската припадност. Но кога власта одбива да слуша, а секоја социјална тема ја прогласува за „политички напад“, таа самата ја турка земјата во уште подлабока поларизација.

Социјалната несигурност, сиромаштијата и отсуството на суштински социјален дијалог неминовно водат кон политичка конфронтација. Но наместо решенија, власта – уверена дека ги контролира сите лостови на моќта, вклучително и медиумскиот простор, и потпирајќи се на интересите на газдите – избира манипулација и дискредитација. Обвинувањата за „политизација“ се апсурдни, затоа што власта нема монопол ниту врз социјалните теми, ниту врз вистината за животот на луѓето. Уште помалку има право да го приватизира егзистенцијалниот страв и барањата на работниците.

Власта нема монопол врз животот на работниците. Таа има обврска – да слуша, да одговара и да дејствува. Особено сега, кога не станува збор за политика, туку за гол опстанок.

Зачлени се на нашиот е-билтен