Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ е на пат да го уништи сонот „Сите Македонци во една држава“

Интеграцијата, наместо изолацијата, е начинот за егзистенција и благосостојбата на луѓето според европски стандарди. Во заедница во која отворените граници и можности за соработка со европските сојузници конечно ќе ги обедини сите Македонци кои се сега во соседните земји.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ако ВМРО-ДПМНЕ одбие да учествува во донесувањето на уставните амандмани за внесување на Бугарите и другите во Уставот, ќе го уништи сонот „Сите Македонци во една држава“, односно во Европската Унија.

Наместо да се оствари тој сон, ВМРО-ДПМНЕ и партиската лидерска врхушка ја буткаат Македонија во изолација на која ќе и претходи драматична националистичка кампања во предизборието и за време на изборите.

Таа националистичка кампања ќе се „конфронтира“ и ќе се „јача“ со гориво кое ќе доаѓа од „судирот“ со националстичката кампања на опозициските партии на Албанците, за кој веќе се зборува дека се остварува во взаемна координација. Веќе видовме како ќе изгледа тоа во Тетово и Скопје за време на „приватната“ посета на косовскиот премиер Албин Курти.

Наеднаш пред очите на јавноста се вратија сликите од деведесеттите години кога едните ќе ги „сечеа канџите на орлите“, а другите ги развеваа знамињата на голема Албанија, на Илирида, Чемерија… Добро е да потсетиме тука дека во екот на кулминацијата на меѓуетничкиот конфлик во 2001 година, МАНУ ја „аминуваше“ ступидната и крајно апсурдна идеја за граница кај Групчин.

Мислевме дека тие настани, таа иконографија и политичка комуникација се минато, но ете, опозициските пропагандистички манипуланти мислат дека тоа е картата што добива.  

Навраќањето на овие настани, наместо да останат засекогаш во нашата блиска историја, сега наеднаш е важно за да не потсети кон што ја туркаат работата оние на коишто позначаен, побитен им е партискиот рејтинг за повисоко позиционирање во анкетите, отколку продолжувањето на преговорите и идинината на земјата во ЕУ.

Сосема е можно дека партиските цели можат да бидат остварени, но исто така е сосема извесно дека тоа нема да се постигне без отстапување од националните, односно државните интереси, интересите на мнозинството од граѓаните, на кои ЕУ им е сѐ уште висок интерес и надеж за подобро утре.

Настрана што крајно неизвесен ќе биде и пост-изборниот период кога ќе треба да се формира влада и кога сегашните кусогледи лидери, заслепени од личните амбиции, ќе се соочат со реалноста дека е загубено драгоцено време и дека им останува само да го гледаат возот како заминува, а тие, ние, Македонија, е оставена на станицата наречена „Изолација“.

А и таа попатна станица ние позната. Во долгодишниот спор со Грција, тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, особено од 2008 година наваму, просперираше на партиски план со тоа што ја стави земјата во изолација благодарение на пумпањето на националистички тензии. Спорот со Грција беше параван за да ја зароби и контролира на најтоталитаристички начин земјата, општеството, народот. Ги цицаше до исцрпување ресурсите на државата, и на крајот беше приморана да ја напушти власта доведувајќи ја земјата речиси до политички банкрот од последиците од изолацијата.

Оттаму, зошто некој би верувал дека ВМРО-ДПМНЕ нема пак да го направи истото, кога национализмот е длабоко спакуван во конзервата на оваа партија. Тоа се покажува како сериозна пречка да заземе политички конструктивен став и да разбере дека за постоењето и просперитетот на Северна Македонија природна средина е ЕУ.

Интеграцијата, наместо изолацијата, е начинот за егзистенција и благосостојбата на луѓето според европски стандарди. Во заедница во која отворените граници и можности за соработка со европските сојузници конечно ќе ги обедини сите Македонци кои се сега во соседните земји.

Сликата може да биде сосема поинаква. Наместо изолација, со укинување на граничните контроли со соседните држави – членки на ЕУ, ќе се им овозможи на сите граѓани слободно движење во рамките на ЕУ, без внатрешни граници и гранични контроли.

Во ЕУ, во која на ниту еден начин не е оспорен македонскиот идентитет, во ЕУ во која македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на Европската Унија по завршување на преговорите и кои ќе ги ужива сите привилегии на останатите земји членки кога станува збор за негова промоција и афирмација.

Да не заборавиме и секогаш треба да потсетуваме дека прашањето за македонскиот јазик беше формално затворено со Договорот од Преспа, како клучна идентитетска одредница за етничките Македонци од Северна Македонија.

Но, за таков историски исчекор тогаш не се калкулираше со партиските и личните интереси, туку единствено со интересите на граѓаните и државата.

Сега пратениците и партиските лидери во земјата се пред идентичен избор. Сега останува да видиме дали ќе останат во партиските костуми на национализмот и изолацијата, или ќе го отфрлат и ќе се „облечат“ во костумот патриотизмот и ќе го овозможат континуитетот на преговорите за да ги завршиме во 2030 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново