ВМРО-ДПМНЕ никогаш не научи да множи, знаат само да делат

ВМРО-ДПМНЕ наместо да си го берат умот и да го множат со разум, тие повторно го раситнуваат до без-ум. Ум да се немало… за множење.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Операциите за множење и делење во математиката не се идентични со оние во политиката. Инаку, пред да продолжам, во име не авторските права, сакам да напоменам дека овој концепт или досетка, за множењето и делењето во политиката, го позајмив од Љубомир Фрчкоски, универзитетски професот, политичар во слободно време, сега на времена дипломатска функција во ОН.

Оваа негова досетка се покажа како прилично точна кога тој многу духовито ја аплицираше за некои наши политичари. Некои од нив, велеше Фрчкоски, знаат да множат, а други, пак, само делат.

Се сетив на овој концепт и многу бргу сфатив дека тој е применлив и за политичките партии.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не научи да множи, лидерите на таа партија знаат само да делат.

Уште во деведесеттите години, кога многу прашања што подоцна се отворија како проблем, можеа да бидат решени еднаш засекогаш, ВМРО-ДПМНЕ наместо да прифати граѓански Устав, инсистираа на национален, етнички обоен конститутивен акт и – го поделија народот.

Тоа беше само прв чекор кон натамошните делби кои продолжија со наметнувањето на знамето од Кутлеш како државно, иако тоа нема никаква врска со континуитетот на македонската државност и, особено, со мултикултурниот концепт на Македонија. И повторно предизвикаа поделби.

За време на нивниот мандат поделбите кои се префрлија и на меѓуетнички план и во 2001 година го предизвикаа вооружениот конфликт со Албанците во државата, отидоа до таму да ја делат и територијата на Македонија со граница поставена кај Групчин.

Всушност, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не го научи концептот на Македонија. Дека таа е држава и заедница на сите народи што живеат во неа, иако наоѓаа „триста“ начини да не го прифатат тоа па инсистираа на термини како „малцинства“, „националности“, „народности“, „делови од народ“…

Единствено важно им беше да се делат од другите. Важно им е да се изделат од другите.

Круна на тие делби, на сопствена штета за да биде иронијата најголема, беше делењето по прашањето на пописот.

Ја иницираа и ја одржуваа(т) поделбата на северџани и антички, и за малку ќе се случеше да не делат и како дропки со обидот на Ѓорге Иванов да ги пречека, удостои и наметне и Хунзите како наши претци.

Ова со „северџани“ е ептен очигледно дека има функција да дели, иако промената на името на државата со ниту еден промил не влијаеше на идентитетот на Македонците. Сите Македонци се Македонци, кои говорат македонски јазик, атрибути за дома и за меѓународна употреба.

Аме не, зошто да се множи оваа придобивка кога може и понатаму да се користи за делење.

Го делеа народот и на „комуњари“, „балисти“,  „соросоиди“, „патриоти“ и „предавници“…

Кога не можеа другите, си ја делеа партијата на ВМРО-НП, на ВМРО Вистинска, ВМРО-Демократска партија…

Го поделија народот до степен на насилство и за францускиот предлог.

Сега за Уставот повторно го делат веќе поделеното.

Наместо да почнат да учат да множат, само се усовршуваат во (по)делбите.

Каква перфидна (според речникот на македонскиот јазик: со скриена зла намера, подло, подмолно) е актуелната кампања да го пресликаме Уставот на Хрватска и на „наш терен“ и повторно да ги разбудиме злите националистички духови кои не знаат за ништо друго освен да делат.

Ама ете, ВМРО-ДПМНЕ наместо да си го берат умот и да го множат со разум, тие повторно го раситнуваат до без-ум.

Ум да се немало… за множење.

Треба да знаете
Moже да ве интересира