За да бидам Македонец и да говорам македонски јазик не ми треба одлука на политичко тело, но… Ние самите дозволивме темата да биде политизирана, инструментализирана и претворена во спектакл.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Пред петнаесетина години, сакајќи да ја приближиме Европската Унија до нашите граѓани, притоа да им укажеме на придобивките од пристапувањето, но и на потребите од менување на различните секторски политики, со една група на истомисленици ја спроведувавме кампањата MK@EU во која спроведувавме два проекти: Акција за Европа и Следење на процесот на пристапување, или Accession Watch.
Преку првиот организиравме приближно 40 јавни настани во речиси сите градови во државата, на кои граѓани на Европската Унија, експерти во разни области, придружени од наши граѓани, европеисти, како и од амбасадорите на државите членки говореа за најразличните аспекти на заедничките политики и пристапувањето. Секое обраќање беше насочено кон тоа да објасни каква промена бара реформскиот процес и што се ќе треба да промениме во нашите политики и законодавство. На еден од овие јавни настани тогашната шефица на канцеларијата за врски на Република Грција, а денешна заменичка министерка за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, кажа „менувањето на политиките на страна, пристапувањето во Европската Унија е многу повеќе прашање на менување на менталитетот“.
Македонецот многу тешко го менува менталитетот. Тоа веројатно го прави само кога заминува на подолг престој во странство, бидејќи само тогаш се преобразува во примерен граѓанин кој ги почитува законите, се однесува соодветно и внимава на оние околу него. Како инаку да ги објасниме дивите депонии околу и низ главниот град, диво паркираните возила на улиците во деловите од градот кои не се опфатени со зонско паркирање, ѓубрето по улиците, изметот од домашните миленици итн.
Бидејќи прашањето на менталитетот не го отворивме, а прашањето на идентитетот извонредно го актуелизиравме. Последниве години наместо за реформи, стандарди, квалитет на воздухот и водата за пиење, образованието, здравството, социјалните и другите услуги, или со други зборови квалитет на животот зборуваме за јазик, нација, идентитет. Прашањето треба да биде дел од научни и стручни дебати, поддржано од државни политики и веројатно апсолвирано, бидејќи, за да бидам Македонец и да говорам македонски јазик не ми треба одлука на политичко тело, но… Ние самите дозволивме темата да биде политизирана, инструментализирана и претворена во спектакл.
Европа е јасна – ама ние не знаеме што да послушаме
Во иста недела, од две европски институции се слушнаа две гласни, искрени пораки од две словенечки претставнички, комесарката за проширување, Марта Кос и пратеничката во Европскиот парламент, Ирена Јовева. Иако говореа со различен тон, двете ја искажаа истата суштина: Европската Унија не е закана за македонскиот идентитет – таа е неговата најголема можност за афирмација, институционална заштита и меѓународна видливост.
Марта Кос зборуваше за вредностите на Унијата: за тоа како ЕУ е изградена врз разноличност, не на сметка на идентитетите, туку токму преку нив. Таа нѐ потсети дека идентитетот не е административна одлука, туку емоција, припадност, начин на живот. Кос не говореше за геополитика, туку за традицијата, за пинџурот и тавче-гравчето, за манастирите, за односот со постарите, за јазикот што се негува дома и заклучи: „Никој не може да ви го одземе ова на вас, Македонци.“
Една недела подоцна, од Европскиот парламент, се слушна говорот на Ирена Јовева која мошне прецизно одби политизација на извештајот за Северна Македонија. Во својот говор таа кажа дека „Ова е извештај за напредокот на државата – не за идентитетот на македонецот“, воедно, додаде дека: „Ако некој ви каже дека ЕУ ви го избришала јазикот и идентитетот – знајте дека тоа не е.“
Овие пораки не беа декоративни. Тие беа сигнал – дека Европа нѐ гледа, нѐ слуша и сака да ни помогне, но и дека очекува зрелост.
Како го загубивме идентитетот?
Од македонската политичка кујна, веројатно гневни дека Кос не го спомена нивниот омилен рецепт, ајвар, турли тава, полнети пиперки, свири пиле, или некој друг ја нападнаа и неколку денови зборуваа само за тоа. Оваа недела, ја заборавивме точно главната порака на Јовева, дека оној кој ќе не убедува дека ЕУ може, сака или го брише македонскиот јазик и идентитет не залажува за политички поени. Со други зборови, наместо да ги препознаеме овие изјави како политичка поддршка и повик на разум, ние повторно заглавивме во сензационализам, внатрешни пресметки, реторика за домашна потреба. Медиумите ги цитираа, но не ги обработија изјавите. Политиката ги искористи, но не ги следеше, а ние ја промашивме суштината.
Едноставно, идентитетот, како политичка категорија, не е предмет на гласање. Но, ако продолжиме ние самите да го отвораме прашањето, да го изигруваме, да го сведуваме на симболика наместо на суштина – тогаш ризикуваме некој да почне да се однесува кон него како променлива категорија.
Од другата страна, Европската Унија веќе нѐ препознава, со Преговарачката рамка веќе го прифати македонскиот јазик – чисто, без фусноти или дополнителни појаснувања. Државава веќе има јасна, чиста и правно обврзувачка формулација за македонскиот јазик во Преговарачката рамка со Европската Унија, одобрена од сите 27 земји-членки, вклучително и Бугарија. Во практиката, во ЕУ веќе неколку години акредитирани преведувачи преведуваат од и на македонски јазик на сите билатерални средби, а со договорот за ФРОНТЕКС, македонскиот јазик влезе и во правните текови на Унијата.
Во вакви услови, вештачкото реотворање на темата не е ништо друго туку политичка грешка со сериозни последици. Наместо да продолжиме со тивка работа на усогласување со европското законодавство, институционални реформи и етапно приближување кон ЕУ, ние се впуштивме во празна реторика за „признавање“ на нешто што веќе е потврдено и не може да биде предмет на гласање. Со други зборови, вистинската штета не дојде од Брисел, туку од Скопје.
Исходот од гласањето во Европскиот парламент очекувано разгневи или разочара многумина, а на уште повеќе им даде можност поради своето незнаење да продолжат на социјалните мрежи и во јавниот дискурс да истураат отвори кои уште повеќе ќе ги трујат односите помеѓу нашите граѓани и оние од двете соседни држави.
Притоа, целосно го изгубивме фокусот од суштината. Поради домашните PR-стратези, воопшто не зборувавме за клучните оценки во извештајот – за состојбата со владеењето на правото, за борба против корупцијата, за предупредувањата дека постојат политички и институционални структури кои ја туркаат државата во прегратките на „Српскиот свет“ и на поширокиот „Руски свет“, односно за оценката дека не сите сили во државата имаат искрена проевропска или прозападна ориентација.
Идентитетот не се брани со пароли, туку со институции
Наместо повторно да глумиме борба, време е да делуваме. Еве три конкретни чекори што можеме и мора да ги преземеме:
- Превод и достапност на европското законодавство на македонски јазик
Да го преведуваме и објавуваме правото на ЕУ во јавни и отворени за пребарување бази. Истовремено, да преведуваме литература од државите-членки на македонски, но и македонска литература на европски јазици – за да станеме видливи во академската и политичката заедница. - Склучување тематски договори со ЕУ
Да го повториме моделот на договорот за ФРОНТЕКС – преку преговарање и потпишување на дополнителни тематски договори со ЕУ, за на тој начин да го нормализираме и продлабочиме односот. - Користење на европските фондови за научна и културна дипломатија
Да финансираме научни и стручни конференции, семинари, истражувања и публикации што третираат прашања на идентитет, јазик и историја – во европски контекст, со учество на меѓународни експерти и институции.
Во таа насока, вреди да се забележи и изјавата на бугарскиот министер Георгиев, кој во интервју за bTV рече: „Темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да биде присвојувано од никого.“ Тоа е сигнал дека темата мора да се третира со аргументи, знаење и научна сериозност – не со политичко надмудрување, но и сигнал за потребата од разумна политика и смирување на страстите.
Да го (од)браниме идентитетот со работа, знаење, правна сигурност и меѓународна поврзаност. Европската Унија е токму тој простор што ни овозможува да бидеме тоа што сме – не преку изолација, туку преку учество.
Ако знаеме што бараме, Европа ќе не разбере. Ако не нема кој да нѐ спаси од самите себе.