Ако за момент емоциите ги замениме со резон, кој ни е повеќе од неопходен во услови на повеќекратна криза со сите поврзани ризици, се наметнува потребата од поголема внатрешна умереност и консолидација наспроти зајакнување на тенденции за уште подрастична поларизација, која ја поттикнуваат и надворешни фактори.
Тони ПОПОВСКИ
Оваа седмица, во наш хелиоцентричен манир ќе се занимаваме со партискиот кастинг и составувањето на листите на кандидати за претстојните собраниски избори како и со содржината на програмите на партиите, сето ова проследено и со континуитет на жестоко спротивставени наративи, вербална пиротехника и по некоја пикантерија, за забава или замајување на широките партиски избирачки бази и по некој неопределен избирач. Истовремено, развојот на настаните во опкружувањето е далеку од забавен односно е поприлично загрижувачки.
Терористичкиот напад во Москва, за кој одговорност презеде „Исламската држава“, резултираше со стотици невини убиени или повредени лица. Во обид да го пресретне ризикот по сопствениот имиџ на авторитарен лидер кој ја гарантира стабилноста и безбедноста на Руската Федерација, Путин не губеше време и имплицитно за овој настан ја обвини Украина: „Тие (терористите) се обидоа да се скријат и тргнаа кон Украина, каде што претходно им беше подготвен прозорец за да ја преминат границата“. Од своја страна Украина негираше каква било поврзаност со нападот и предупреди дека Русија може да го искористи како изговор за ескалација на својата инвазија, односно за спроведување на веќе најавената пролетна офанзива. Нареден индикатор дека пролетта може да донесе „совршена бура“ на украинскиот фронт е замената на описот „специјална воена операција“ со “Русија е во војна“ со објаснување на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека „кога колективниот Запад стана учесник на страната на Украина, за нас тоа веќе стана војна“. И претходно Путин во неколку наврати ја оправдуваше интервенцијата во Украина како егзистенцијална борба на Русија за опстанок против Западот, кој според него бара уништување на Русија. Оваа замена на тезите за карактерот на тоа што се случува во Украина, според низа угледни аналитичари цели кон придобивање на јавноста во РФ за засилена внатрешна мобилизација низ нов бран на регрутирање и зафаќање на нови финансиски средства, па и од руската олигархија. Како и да е, од изминатиот петок може да се заклучи дека Русија транзитира во состојба на многу пошироки воени подготовки.
Од своја страна, Зеленски кој е соочен со блокада на 60 милијарди долари помош од САД поради отпор на про-Трамп структури во Конгресот, се обидува да најде начин да обезбеди дополнителни системи за противвоздушна одбрана и муниција од државите членки на ЕУ. Кон крајот на оваа седмица се очекува лидерите на Европската унија да разгледаат план за користење до 3 милијарди евра годишно за снабдување со оружје за Украина. Овие средства треба да се акумулираат од профитот од средствата на Руската Федерација што се чуваат во Европа, а не од самите средства кои се замрзнати. Околу 70% од тие средства се чуваат во централниот депозитар за хартии од вредност Euroclear во Белгија, како еквивалент на 190 милијарди евра различни хартии од вредност и готовина на Руската централна банка. Отпор на овој предлог се очекува да дадат Унгарија и Словачка кои одбиват да и дадат оружје на Украина. Претходно, тензиите на релација ЕУ – РФ особено ескалираа после изјавата на Макрон дека не може да ја исклучи можноста за испраќање западни трупи на терен во Украина, во иднина, на што Путин се закани со нуклеарна војна.
По однос на финансиското маневрирање во ЕУ, како за помош на Украина но многу повеќе за зголемување на сопствената отпорност при евентуална ескалација и судир меѓу РФ и НАТО, истотака има интересна дебата со неколку предлози на маса. Макрон даде иницијатива, ЕУ да издаде нова рунда „обврзници за итни случаи“ за да на тој начин се покријат трошоците за повторно вооружување на континентот, но на овој пристап се противи Германија поради стравување дека во поголем дел сервисирањето на ова задолжување ќе падне на плеќите на германската економија. Низа аналитичари го критикуваат овој пристап и сугерираат дека можеби најефикасен начин да се обезбедат неопходните средства е преку директно одвојување од буџетите на државите членки, па и до 4% за почеток. Секако, оваа одлука е тешка и непопуларна бидејќи овие средства треба да се издвојат за сметка на други програми кои осигуруваат квалитетни услуги и благосостојба за граѓаните на ЕУ. Просторот за одлука во ЕУ се стеснува и поради објективниот ризик, Трамп доколку биде избран, целосно да се воздржи од давање на воена помош на Украина.
Претстојните претседателски и собраниски избори кај нас имаат специфична историска тежина можеби и најмногу поради зовриените геополитички околности во кои треба да се одржат. Од една страна, овие избори се можност за репотврдување на воспоставените стратешки партнерства со ЕУ и САД и забрзано доизодување на стратешкиот пат кон полноправно членство во ЕУ, како пристап кој осигурува внатрешна стабилност и надворешна безбедност, а со нив и социо-економска стабилност и одржливост. Од друга страна, може да се случи избор на опција која овие стратешки партнерства најдиректно ги критикува низ критика на последната владеачка коалиција за понизност, коленичење, вазалство, сервилност, и полтронство кон Западот. Оваа алтернативна опција лавира од понуда за поголем суверенизам под паролата „Македонија повторно горда“ заедно со продолжена блокада на преговорите со ЕУ, придружено со неизвесно репреговарање на рамката за преговори и билатералниот Договор со Бугарија, па се до понуди за понагласена неутралност, а кои се типични за Србија на Вучиќ и за однесувањето на Унгарија на Орбан, занемарувајќи дека нашата држава, впрочем како и Унгарија е полноправна членка на НАТО.
Не е момент за приоритетно задоволување на лични или групни интереси, и потоа гасење на пожари кои можат да се превенираат, туку е момент за ефективна заштита на нашиот национален и државен интерес.
Ако за момент емоциите ги замениме со резон, кој ни е повеќе од неопходен во услови на повеќекратна криза со сите поврзани ризици, се наметнува потребата од поголема внатрешна умереност и консолидација наспроти зајакнување на тенденции за уште подрастична поларизација, која ја поттикнуваат и надворешни фактори. Не е момент за приоритетно задоволување на лични или групни интереси, и потоа гасење на пожари кои можат да се превенираат, туку е момент за ефективна заштита на нашиот национален и државен интерес. Пролонгирана блокада на преговорите со ЕУ, неминовно прави притисок за раздвојување од Албанија која со својот исчекор кон ЕУ ќе зајакне како гравитациска точка за Албанците од Македонија. Впрочем, преговорите со ЕУ, се сврзната точка во нашето мултиетничко општество и клучен фактор за остварување на поширока општествена кохезија. Целосно неодговорно е да се потценува овој аспект и клиентелистички да се залажуваме дека нема ништо да се случи се доколку барем еден дел од етнички дефинираните партиски кампови ужива во привилегиите кои ги носи власта.
Впрочем, намерно или ненамерно, постепено со нашата блокада на преговорите, се вклопуваме во агендата на Руската Федерација за Западниот Балкан, која цели кон оддалечување на државите кандидатки од членство во ЕУ и подгревање на локалните национализми кои лесно може да изгенерираат нови па и воени жаришта, а по можност и фаќање на руска страна во тековната војна во Украина, која утре може да прерасне во војна со Западот.