Живот во сенките на контејнерите: Приказна на неформалните собирачи на отпад

Неформалните собирачи не бараат само пластика, картон или метал, тие бараат надеж и можност. Надеж дека нивната импровизирана количка ќе издржи до откупниот центар, можност да заработат доволно за еден оброк. Иако нивниот придонес кон рециклирањето е значаен, тие остануваат невидливи за институциите, прозирни како пластиката што ја собираат.

Дина АРНАУТ*

Во сенките на контејнерите низ градските улици, секојдневно се одвива невидлив и тивок процес на селекција на отпад. Неформалните собирачи не бараат само пластика, картон или метал, тие бараат надеж и можност. Надеж дека нивната импровизирана количка ќе издржи до откупниот центар, можност да заработат доволно за еден оброк. Иако нивниот придонес кон рециклирањето е значаен, тие остануваат невидливи за институциите, прозирни како пластиката што ја собираат.

Јашар (49) не го буди звукот на алармот, го буди потребата за опстанок. Со својата количка со четири различни тркалца, ги пребарува скопските улици трагајќи по за него вредни материјали. „Ова ми е работа,“ вели тој, „друга немам.“ Нема ракавици, нема заштитна маска, нема сигурност дека денешниот труд ќе донесе доволно за неговото четворочлено семејство. Неговите приходи зависат од нестабилниот пазар на отпад. Во добар ден може да заработи околу 1.000 денари, а во лош, ништо.

„Немам избор,“ вели Јашар додека неговиот шестгодишен син се обидува да натовари кутија на количката. И покрај тешкотиите, Јашар е горд на својата работа и свесен за својот придонес. „Јас го чистам градот,“ вели тој. „Без нас, улиците ќе бидат затрупани со ѓубре.“ Наместо признание и благодарност, тој често се соочува со погледи полни презир и дискриминација.

Јашар не е сам. Во Северна Македонија има околу 4.500 неформални собирачи, од кои мнозинството се Роми. Тие собираат околу 40% од рециклирачките материјали во земја каде што формалната стапка на рециклирање е меѓу најниските во Европа. Но, нивната работа останува непрепознаена, обележана со несигурност и сиромаштија.

„Сакам да ми се признае трудот, сакам да работам без страв и срам.“ вели Јашар. „Сакам моите деца да одат на училиште, а не да собираат ѓубре со мене.“

Над 65% од децата на неформалните собирачи не посетуваат редовно училиште, бидејќи помагаат во собирањето отпад за да го прехранат семејството. Ова создава маѓепсан круг на сиромаштија кој се пренесува од генерација на генерација.

Ова е вистинската слика на неформалните собирачи на отпад, не само како жртви на системот, туку како клучни учесници во одржливоста. Овие зелени работници не се скитници, туку професионалци во собирање и селекција на отпад, последната линија на одбрана против отпадна катастрофа.

РЕДИ Рециклажа е доказ дека интегрирањето на неформалните собирачи во формалниот систем на управување со отпад може да биде успешно, обезбедувајќи им фер плати, безбедни работни услови и стабилен извор на приходи. Но, без систематска поддршка и законски измени, овие напори ќе останат на маргините, како и самите неформални собирачи. Време е државата да ги препознае како партнери во циркуларната економија, наместо да ги остава во сенките на контејнерите.

*Дина Арнаут е извршна директорка на РЕДИ Рециклажа

Зачлени се на нашиот е-билтен