Под притисок на јавноста што е жртва на дезинформациите и хибридните операции, властите во демократските земји – сојузнички на Украина – покажува колебливост и бавно ја испорачува помошта со која може да се спасат животи
Пишува: Џабир ДЕРАЛА
Називот на најголемата педијатриска клиника во Украина, Охматдит во Кијив, е кратенка од охорона материнства та дитинства, што значи заштита на мајчинството и детството. Тоа беше најголемата детска болница во Украина, основана во 1894 година. Оваа медицинска установа од висока категорија за дијагноситицирање и лекување годишно примаше и лекуваше околу 18.000 деца од целата земја. Дополнителни 20.000 деца примаа итна нега во центарот за траума во болницата. Во Охматдит се изведуваа околу 7.000 операции годишно, а болницата имаше 620 болнички постели.
Сега Охматдит е урнатина.
На 8 јули, рускиот агресор изврши силен ракетен напад во кој настрада оваа медицинска установа за деца. Уште околу 100 други цели беа нападнати на кобниот ден – живеалишта, градинки, едно породилиште, универзитет и еден трговски центар. Агенциските тикери јавуваат за најмалку 170 ранети и 40 убиени, цивили, меѓу кои голем број жени и деца.
„Целите на нападот беа постигнати“, се огласи државата терорист. Со краен цинизам, крвожедната руска воена и пропагандна машинерија тврди дека изјавите на Кијив за намерно уништување на цивилни цели се „апсолутно невистинити“ и дека Охматдит е погодена од украинско оружје. Премногу пати сум се згадил од руската пропаганда, така што и овој пат не очекував ништо помалку одвратно.
И знам… Додека семејствата на загинатите и ранетите, и целото украинско општество се справуваат со последиците од рускиот терор, а децата болни од рак од одделението за онкологија, кои го преживеаја нападот, беа сместени под ведро небо – еден дел од светот, вклучувајќи и голем дел од македонските медиуми и нивната публика, избираат да премолчат, да „балансираат“ меѓу спротивставените извештаи, или целосно да им подлегнат на лагите на Кремљ.
Жртвите на војната секогаш умираат два пати. Најмалку.
Првиот пат од разорното дејство на оружјето, а потоа и од деструкцијата на пропагандната машинерија која манипулира и негира, ја префрлува одговорноста, ги дехуманизира своите жртви и го отвора патот за нови напади и сеење терор меѓу цивилите.
Под притисок на јавноста што е жртва на дезинформациите и хибридните операции, властите во демократските земји – сојузнички на Украина – покажува колебливост и бавно ја испорачува помошта со која може да се спасат животи.
„Загриженоста не го запира теророт. Сочувството не е оружје. Нам ни е потребно да ги собориме руските ракети“, рече претседателот Зеленски. Неговите зборови најдобро ја опишуваат трагичната ситуација во која се наоѓа Украина, но и позициите на меѓународната заедница.
Чемберленовската колебливост и калкулантството на меѓународната заедница ја лишуваат Украина од фер шансата за одбрана на независноста, сувереноста и слободата, уште од 2014 година кога московитите окупираа дел од земјата, а потоа и од почетокот на целосната инвазија во 2022.
Обединетите нации се шокирани. Пак. (ЦивилМедиа)