Агенцијата за филм ја заокружува 2025 година како една од најзначајните и најпродуктивни години за македонската кинематографија во последната деценија, обележана со интензивна филмска продукција, видливи меѓународни успеси и суштински реформи во институционалното работење.
Во текот на годината, македонска премиера имаа вкупно 19 филмови, поддржани од Агенцијата за филм, и тоа:
● 4 долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел
● 6 долгометражни играни филмови со македонски малцински удел
● 1 долгометражен документарен филм со македонски мнозински удел
● 2 долгометражни документарни филмови со македонски малцински удел
● 2 краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел
● 1 краткометражен игран филм со македонски малцински удел
● 2 краткометражни анимирани филмови со македонски мнозински удел
● 1 краткометражен документарен филм со македонски мнозински удел
Меѓу долгометражните играни филмови со македонски мнозински удел се издвојуваат „Сите го викаат Реџо“ (реж. Ибраим Деари), „Диџеј Ахмет“ (реж. Ѓорѓи М. Унковски), „Паркот на Дора“ (реж. Сабедин Али) и „Мајка“ (реж. Теона Стругар Митевска).
Филмовите поддржани од Агенцијата за филм во 2025 година остварија значајни меѓународни и домашни успеси. Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ја отвори програмата „Хоризонти“ на Филмскиот фестивал во Венеција, а својата македонска премиера ја имаше со свеченото отворање на 49. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ на режисерот Ѓорѓи М. Унковски се одржа на 24 јануари на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што филмот ја освои Наградата од публиката во програмата Светски филм, како и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Македонската премиера на филмот се одржа на затворањето на 49. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2025 година беа одобрени средства за поддршка на реализацијата на 18 проекти, кои опфаќаат домашни филмски фестивали и други манифестации од меѓународен карактер, со цел да се поттикне развојот и видливоста на македонската кинематографија, како и да се овозможи претставување на европската кинематографија пред македонската публика.
Дополнително, во текот на изминатата 2025 година, следниве филмски проекти, финансирани на претходни конкурси, беа снимени или го започнаа процесот на снимање. Станува збор за пет долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел:
● „Биста“ / „Збогум Копакабано“, продукција Банана Филм, режија Милчо Манчевски, со одобрена поддршка од 28.000.000 денари.
● „Човек против јато“, продукција Видео студио Петковски, режија Тамара Котевска, со одобрени 20.000.000 денари.
● „Потстанар“, продукција Сектор филм, режија Марко Ѓоковиќ, со поддршка од 23.500.000 денари.
● „Договор“, продукција Арнел продукција, режија Сенад Абдули, со одобрени 15.000.000 денари.
● „Тајната на голиот рид“, продукција Сити Стар Продукција, режија Игор Алексов, со поддршка од 15.000.000 денари.
Во 2025 година, Агенцијата за филм реализираше историски рекордна исплата на доспеани обврски во износ од 3.160.000 евра, средства одобрени во претходни години за поддршка на 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, вкупните обврски за 2025 година беа намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање.
Како дел од меѓународната промоција на македонскиот филм, Агенцијата активно ја поддржа и Оскар-кампањата на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, со издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на државата на најпрестижната светска филмска сцена.

Воедно, 2025 година беше година на засилено меѓународно присуство и промоција на македонската кинематографија преку учество на неколку значајни светски филмски платформи, меѓу кои со сопствен штанд на FOCUS Show London, еден од водечките меѓународни филмски маркети, каде беа презентирани филмски локации и продукциски потенцијали на Македонија.
Македонија беше земја во фокус, на Интернационалниот филмски фестивал во Орду, Турција, со организирана ревија од 12 македонски краткометражни филмови и учество на претставници на Агенцијата во жири-комисиите.
Агенцијата беше присутна со свој штанд и на Европскиот филмски маркет (EFM) во Берлин, како и на Филмскиот маркет при Канскиот филмски фестивал (Marché du Film), каде континуирано го промовираше македонскиот филм, копродукциските можности и авторите. Додека, учеството во програмата „Балканот во фокус“ на седмото издание на FIPADOC – International Documentary Festival во Бијариц, Франција, ја претстави ја претстави документарната продукција на Македонија, дополнително зајакнувајќи ја меѓународната видливост и на македонскиот документарен филм.
На прес конференција во ноември, Агенцијата за филм објави дека ги цени укажувањата на Државниот завод за ревизија (ДЗР), опфатени со извештајот за работата на институцијата во претходната 2024 година, кои претставуваат основа за натамошно унапредување на системите и процесите. Токму во таа насока, во текот на 2025 година, Агенцијата за филм спроведе и значајни институционални реформи, меѓу кои целосно усогласување на деловните книги со фактичката состојба, детален попис на средствата, побарувањата и обврските, како и започнување на процесот на изработка на Стратегија за развој на филмската дејност.
Значаен исчекор во текот на изминатата година претставува и ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кој беа обезбедени дополнителни 145 милиони денари наменети за поддршка на филмската продукција и развој на аудиовизуелниот сектор.
Паралелно, со предложените измени на Законот за игри на среќа, се предвидува 3% од уплатените давачки од оваа дејност трајно да се пренасочуваат кон Агенцијата за филм. Овој модел на финансирање, кој постоеше до 2016 година и имаше значајна улога во развојот на македонската кинематографија, се очекува да обезбеди стабилна и предвидлива основа за долгорочно планирање и развој на филмската дејност, со почеток на неговата реализација во 2026 година.
На самиот крај на 2025 година, Агенцијата за филм ги објави резултатите од вториот рок на Конкурсот за финансирање на филмски проекти, при што беа распределени 97,3 милиони денари, трикратно зголемени средства во однос на претходните циклуси. Со овој чекор, Агенцијата ја зацврсти својата заложба за поддршка на млади и нови автори. Поддржаните проекти опфаќаат широк спектар на играни, документарни и анимирани остварувања, вклучително и четири долгометражни играни филмови во меѓународна копродукција со партнери од регионот, што и понатаму ја одржува меѓународната соработка и видливоста на македонскиот филм.
Со оваа одлука, Агенцијата за филм ја заокружи годината со стратешка поддршка на квалитетни и иновативни филмски проекти, кои се очекува во наредниот период да го афирмираат македонскиот филм и на домашната и на меѓународната сцена.

„Нашата цел е Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка. Горди сме на успесите на македонскиот филм во 2025 година и ќе продолжиме со транспарентно, професионално и одговорно работење“, изјави директорот Сашко Мицевски.
По период на почести промени во раководството, Агенцијата за филм денес работи со стабилно раководство, а институцијата останува целосно посветена на отворена комуникација со јавноста и на создавање стабилни услови за понатамошен развој и меѓународна афирмација на македонската кинематографија.