Усвоениот буџет го прави Инспекторатот за македонски јазик нефункционален, а под закана се голем број капитални културно-историски
Уште не ни започна да работи, а власта го скрати буџетот за Инспекторатот за македонски јазик и со тоа оваа институција станува нефункционална во нејзината основна дејност да го следи спроведувањето на законските обврски во институциите, образованието, културата и јавниот простор.
Владиното мнозинство во Собранието не ја препознава оваа опасност, а до тој заклучок се доаѓа откако беше одбиен амандманот на пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, која побара зголемување на буџетот за инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Во буџетот за 2026 година средствата во однос на буџетот од 2025 година се намалени на 620.000 денари, што практично го намалува функционирањето на инспекторатот, рече Костадиновска Стојчевска и побара буџетот за оваа институција да се врати на износот од 2.033.000 денари, колку што изнесуваше во буџетот за 2025 година.
– Со намалениот износ не е можно да се обезбеди вработување на потребниот број инспектори и административен кадар, извршување на редовни активности на терен, опремување и тековно функционирање на институцијата, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е нова институција, основана врз основа на законот за употреба на македонскиот јазик, чија цел е да го следи спроведувањето на законските обврски во институтциите, образованието, културата и јавниот простор.

Дисконтинуитет за нови ризици за македонскиот јазик
Импровизациите на актуелната власт во однос на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик се огледува и во одбивањето на соодветни средства за да се заврши адаптацијата старото училиште во село Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Со амандманот за висина од 50.000.000 денари ќе се обезбедеја средства за завршните работи за адаптација којашто е веќе започната врз основа на целосна проектна и технилка документација на Министерството за култура. Средствата кои се бараат со амандманот ќе овозможат да се завршат реконструктивните и градежните работи, комплетното уредување на внатрешниот и надворешниот простор и опремувањето на Центарот.
Ова намалување на средствата за Центарот е континуитет на ВМРО-ДПМНЕ кој започна уште лани кога средствата за центарот беа намалени за 75%.
Овој проект е од големо национално значење за промовирање и заштита на македонскиот јазик како темелен елемент на идентитетот и кулурното наследство. Кога ќе биде завршен ќе биде современ простор за културни настани, обуки, конференциии и за промоција на македонскиот јазик на национално и на меѓународно рамниште.
Апсолутно малку пари за заштита на културното наследство и за младите
Буџетот за култура не само што е срамно низок за афирмација на македонскиот јазик, туку е и апсолутно недоволен за заштита на значајни културно-историски објекти.
Власта не го прифати и амандманот за повеќе средства за заштита, санација и реставрација на објекти од кулутрното наследство кои се во опасност или во критична состојба.

Побараното зголемување на средствата во висина од 156.000.000 денари ќе овозможи брза реакција на објекти како што се црквата „Св. Богородица“ во Матејче, куќата на Владо Малески во Струга, црквата „Св. Никола“ во Љуботем, Чифте-амам во Скопје како дел од Националната галерија, црквата С. Спас со бесценетиот иконостас и гробот на Гоце Делчев, спомен куќата на Лазар Личеноски, манастирот Трескавец со црквата „Успение на Богородица“ и конаците дебница, куќата на улица „Коча Миленку“ бр. 29 во Крушево, пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ во Радожда на брегот на Охридското Езеро, како и други вакви објекти од огромно културно-историско значење кои се во сериозна опасност и ризик од пропаѓање.
Вкадиното мнозинство во собранието не го прифати ниту амандманот за повеќе средства за поддршка на млади уметници, почетници и дефицитарни кадри во културата.
Со бараните 20.000.000 денари , ќе се создадеа узлови за младите уметници, студенти од уметничките факултети и почетници во културните професии да добијат реална шанса да создаваат, настапуваат и да учествуваат на национални и меѓународни проекти и настани.
Поддршката на мкладите уметници е инвестиција во иднината на македонската култура, која без поддршка ќе остави голема празнина во одржливиот културен развој и се поставува како пречка за плурализам и креативност во културно-уметничкото изразување.

