Денеска „BookStar“ ќе ѝ ја додели наградата за 2026 година на авторката и професорка Леа Ипи

Ипи

Денеска „BookStar“ ќе и ја додели наградата за 2026 година на авторката и професорка Леа Ипи и со тоа ќе го означи првиот официјален преднастан на годинашното издание на „BookStar“, посветен на темата „FREE AT LeAST?“ или „Чуму слобода?“.

Ипи во Скопје доаѓа како авторка на книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?

Книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „BookStar“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание.

Наградата ќе ѝ биде доделена денеска во 19 часот во „Лабораториум“, на преднастанот со кој BookStar го започнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември оваа година.

За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „BookStar“ ќе зборува писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска.

По доделувањето ќе следува разговор со Ипи, кој ќе го модерира писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот ќе се фокусира на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.

Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.

Денеска во 18 часот во „Лабораториум“, пред официјалното доделување на наградата, Ипи ќе гостува и во книжевниот поткаст на „Антолог“, кој веќе години наназад го води книжевниот критичар Душко Крстевски.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?