На денешен ден, во 2020 година, на 82-годишна возраст, почина Нина Спирова, една од највпечатливите фигури во современата македонска музика. Позната најпрво како извонреден интерпретатор на староградска и народна музика, Спирова во 60-те години на минатиот век израснува во една од најголемите ѕвезди на тогашната забавна естрада и ги изведува некои од најпознатите македонски евергрини: „Молчи, молчи љубов моја“, „Езеро мое“, „Еден бакнеж“, „На овој ден“ и многу други.
Низ соработка со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други, Спирова има забележано над 100 композиции, меѓу нив и редица успешни сингл изданија на српско-хрватски јазик.
Со „Еден бакнеж“ на композиторот Петар Пешев учествуваше на фестивалот Опатија во 1962 и ја доби првата награда. Овој евергрин беше носечка музичка тема во филмот „Сенки“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
Спирова, родена во Прилеп во 1938 година, ќе остане запаметена како врвен уметник, ненаметлива и скромна личност. Од естрадата целосно се повлече пред повеќе од 35 години, но и со релативно кусата кариера, си обезбеди важно место во македонската музичка историја.