Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово синоќа беа одбележани 95-годишнината од првата изведба на театарската претстава „Бегалка“, или „Ленче кумановче“ од Васил Иљоски, и 52 години од изведбата во Театар Куманово.
Актерската екипа која играше во култната претстава во кумановскиот театар во далечната 1971 година, беше наградена со благодарници што им ги врачи министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.
На свеченоста присуствуваа актерите Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов и Илија Струмениковски, ќерката на Васил Иљоски, Снежана Наумовска, како и потомци и членови на семејствата на останатите учесници во претставата.
Токму актерите од ова поставка, со својата оригинална изведба, останаа запаметени како Ленче, Бошко, Донка, Аџи Трајко, Досе, Велика,Трендо бозаџијата а претставата остави неизбришлива трага во македонскиот театар и литература со што одигра и клучна улога во македонската драмска уметност.
„Би сакала да им се поклонам и да им се заблагодарам на сите пензионирани актери кои ја оживуваа сцената на кумановскиот тетара и неуморно го градеа. Тоа се Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски кои се се уште активни, служејќи како живо олицетворение на трајното наследство на претставата. Меѓу нив и актерката од Белград Милојка Ковачевиќ. Препознавајќи ја посветеноста и страста на овие уметници се потсетуваме и на покојните актери кои не се веќе меѓу нас. Нивната посветеност на актерството и незаборавните настапи оставија неизбришлива трага на македонската театарска сцена и во нашето срце“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Покрај присутните актери на кои им беа врачени благодарници, постхумните признанија за останатите актери од „Бегалка ги примија нивните наследници: Љубица Гојковиќ за нејзиниот татко Ѓоко Николовски, Љубица Величковска во име на таткото Боро, Наталија Петковска за Кирил Петковски, Марјана Варџиска во името на мајка и Љупка, Олга Христовска за таткото Момир, Маргица Антевска за татко и Трајко, како и Дана Јовчевска во името на незиниот татко, режисер на претставата Драгољуб Димевски и Снежана Наумовска ќерка на авторот на драмата Васил Иљоски во името на македонскиот драмски писател.
„Бегалка“ или популарно наречена „Ленче кумановче“ е белег на современата македонска драматургија. Омилена драма на кумановски дијалект која стана трајно културно наследство во драмската литература и во театарската историја на земјата. Не поврзува со нашите корени и дава чувство на припадност преку културните изрази. Делото ги пренесува нашите приказни, обичаи и колективна меморија на генерациите после нас.
„Денеска го славиме и огромниот придонес на Васил Иљоски како академик и еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија. Неговата посветеност за зачувувањето и унапредувањето на македонската литература продолжува да ја инспирира и обликува културната слика на нашата нација. Вечно да ја славиме „Бегалка“ како силен белег на македонското културно наследство“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.