Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонскиот јазик е борба која никогаш не завршува – За Центарот за македонски јазик во Грција

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ, Фотографија: Ангел АНГЕЛОВСКИ, Камера: Алек РИЗИНСКИ, Монтажа: Бисера МИХАЈЛОВСКА

Една по друга паѓаат како неосновани сите тужби и приговори во судот во Лерин, во Република Грција, против Центарот за македонски јазик.

Се покажа како исправна одлуката на судските власти во оваа земја, соодветна на 21 век, да го регистрира Центарот за македонски јазик, кој за македонското малцинство во Грција е историска победа. Чин на остварување на аманетот на многу претходни генерации кои на своите наследници им порачаа дека борбата за македонскиот јазик и за правата на Македонците е постојана борба која никогаш не треба да заврши.

Три дена во Лерин и Мала Преспа, за екипата на Рацин.мк беа денови исполнети со средби со прекрасни луѓе, Македонци и Грци. Средби исполнети со емотивни разговори, но со отворен и оптимистички дух, наспроти тегобите со кои секој од нашите соговорници, на еден или друг, начин се соочувале и се справувале низ животот.

Во оваа сторија од серијата „Три дена во Лерин и Мала Преспа“, се испреплетуваат приказните на Слободан Манѕов, или Лефтерис Манѕас според личната карта, на Пеце Бенишев, односно Петрос Василијадис, на Пандо Ашлаков по грчки Панајот Анастасијадис, на Павлос Васкопулос Филипов, еден од лидерите на „Виножито“, и на Александра Јоаниду, професорка на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун и на Јанис Јогас професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот на Западна Македонија во Грција.

Соговорниците на Рацин.мк во серијалот „Три дена во Лерин и Мала Преспа“

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК САКА БОРБА

Во разговорот со овие луѓе плени и едноставноста и „простата“ строгост со која ги прифаќаат и се соочуваат или се соочуваа со предизвиците за да се изборат за нивното право да го говорат, чуваат и негуваат мајчиниот, македонски јазик и традициите на нивниот етнос.

Слободан Манѕов, односно Лефтерис Манѕас, еден од потписниците на основачкиот акт за Центарот за македонски јазик вели дека нивната идеја уште еден чекор повеќе во повеќедецениската борба за основното човеково право да се говори на мајчиниот, македонски јазик.

– Тоа го правиме за да може нашиот народ тука и нашата младина, коишто не можат да учат македонски во грчките училишта, да го научат јазикот и да можат преку интернет кој сака да го учи слободно јазикот. И не само тоа, велиме државата да преземе мерки (македонскиот јазик) да се учи во училиштата, во средното и на факултетите, вели Манѕов, односно Лефтерис Манѕас.

Слободан Манѕов, односно Лефтерис Манѕас, уште вели дека „многу од младите не го знаат јазикот, а ние им велиме дека затоа е формиран Центарот за македонски јазик“.

– Ние им велиме да си го учат јазикот колку што можат преку Центарот за македонски јазик, ама и домашните да им зборуваат, мајките татковците, на македонски, за да го учат јазикот подобро – вели Манѕов и уште додава дека е оптимист дека наскоро Македонците тука во догледно време ќе можат целосно слободно да си зборуваат на својот јазик и дека веќе нема имаат проблеми.

Верувам дека ќе можат. Ама… сака борба, едноставно, но јасно вели Слободан Манѕов, односно Лефтерис Манѕас.

Слободан Манѕов/Лефтерис Манѕас: Македонскиот јазик е постојана борба

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ГО ОВОЗМОЖИ ИМЕНУВАЊЕТО НА ЈАЗИКОТ КАКО МАКЕДОНСКИ

Оваа нивна борба доживеа кулминација и историски резултат со одлуката на судот во Лерин да ја одобри регистрацијата на Центарот за македонски јазик.

Во таа борба Македонците во Лерин, Воден, Бер, Кукуш, Калјари, Кожани, Костур… имаа поддршка и од неколкумина одважни и храбри, прогресивни грчки пријатели и пријателки.

Силна, аргументирана и научна поддршка дојде од професорката Александра Јоаниду, од Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун, којашто сведочеше пред судот во Лерин во заштита на правото на регистрација на Центарот за македонски јазик и во заштита на правото на Македонците да го учат и говорат својот мајчин јазик.

За оваа сторија на Рацин.мк за Центарот за македонски јазик во Лерин во Грција, професорката Јоаниду вели дека овој настан како многу позитивна работа немаше да биде можен без Преспанскиот договор.

– Тоа е нешто што не беше можно пред 5 години. Доаѓа како резултат од Договорот меѓу нашите две земји, од Преспанскиот договор. Тоа го овозможи и именувањето на јазикот што речиси беше забрането во Грција. Ние бевме критикувани секогаш кога говоревме дека постои и друг јазик во нашата земја, иако имаме уште 5 други јазици како малцински, ни рече професорката Јоаниду.

Таа вели дека тоа е долга приказна и дека таа и други нејзини колеги со ова се соочуваат веќе 25 години.

– Се справувавме со многу предрасуди, со национализам. Мислам дека јас и мојата генерација во Грција всушност ги посветивме нашите животи во борбата против национализмот. Ако нашите родители се бореа со фашизмот, ние се боревме со национализмот, коишто не се многу далеку еден од друг, укажува професорката Александра Јоаниду, од Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун.

Професорката Јоаниду потенцира дека „во таа смисла, одлуката дека македонскиот јазик се именува како македонски во Грција, како и тоа што судот дозволи тој да се шири преку лекциите на Центарот за македонски јазик, е нешто многу позитивно, што може да се одредува како историски момент“.

– Одлуката што ја донесе судијката, дури и тоа што не успеа обидот на јавниот обвинител да го затвори Центарот за македонски, е историски настан. Судијката којашто што ја донесе таа одлука е многу храбра и многу посебна судијка, истакнува професорката Јоаниду.

Проф. Александра Јоаниду од Универзитетот во Солун: Регистрацијата на Центарот за македонски во Грција е историски настан

РЕГИСТРАЦИЈАТА НА ЦЕНТАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК Е ВИСТИНСКО ЧУДО

За Павлос Васкопулос Филипов, еден од основачите и лидерите на „Виножито“, одлуката на судијката може да се нарече вистинско чудо.

– Беше позитивно чудо. Дури и за свесните Македонци околу „Виножито“, и околу Македонците околу центарот. На некој начин беше и неочекувано кога имаш со години борби во грчките судови и постојано негативни одлуки, поплаки и и до Врховниот суд и во Европските судови, посочи Васкопулос Филипов.

Тој потсетува дека „Виножито“ пред Европскиот суд за човекови права има добиено повеќе предмети против Грција, меѓу кои и случајот за основање на Дом на македонската култура, што му претходеше на Центарот за македонски јазик.

– Два пати победивме во Стразбур. Тоа од друга страна имаше влијание и на политичко, па дури и на судството во Грција. Од една страна ги имавме позитивните одлуки од Стразбур, а од друга тие не беа имплементирани од судовите во Грција. Затоа ние требаше повторно да го поминуваме истиот пат на сите три нивоа на судовите, потсетува Васкопулос Филипов за да ни биде појасна оваа континуирана борба за македонскиот јазик и за другите права на Македонците во Грција, ни рече Павлос Васкопулос Филипов, еден од основачите и лидерите на „Виножито“.

Павлос Васкопулос Филипов од „Виножито“: Регистрацијата на Центарот за македонски е чудо

НЕМА ДА ГО „ЗАГУБИМЕ“ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Полн со емоции е исказот на Пандо Ашлаков по грчки Панајот Анастасијадис, од Овчарани, врутокот на преродбата на македонската традиција. За него е од исклучителна важност што оваа победа извојувана во грчките судови, го поттикна интересот за учење на македонскиот јазик меѓу младите и ги охрабри да се организираат во културно-уметнички друштва. Тоа е гаранција, вели Пандо, дена нема да го „загубиме македонскиот јазик“.

– Јас сум горд зашто младите, иако до дваесет години повеќе им е интерес дали да студираат, девојките и момчињата, но после тоа почнуваат да бараат, да се прашуваат зошто татко ми и мајка ми го говорат тој јазик. И затоа, колку и да велиме дека го губиме јазикот, сега велам нема да го изгубиме оти ќе го учиме. Сакаат не сакаат Грците, мора да ни дадат дозвола да го учиме јазикот. Македонскиот јазик, уверен е Пандо во неговата изјава снимена во дворот на неговиот дом во Овчарани/Мелити каде гостопримливо ја прими екипата на Рацин.мк

Пандо Ашлаков/Панајот Анастасијадис од Овчарани: Нема да го загубиме македонскиот јазик

Грчкиот суд се постави како што треба

Во Горно Врбени, родното место каде што е роден војводата Александар Турунџев, се сретнавме со уште еден од потписниците на актот за основање на Центарот за македонски јазик, некогашниот дипломец на Философскиот факултет во Москва Пеце Бенишев, по македонски, а на грчки Василијадис Петрос. Бенишев потсети на првичната мотвација да го основаат и регистрираат центарот.

– Младината колку што оди (времето) го заборава јазикот. Затоа се создаде и нашата потреба да го направиме Центарот за македонски јазик во Грција за да може да се доближиме до младината и одново да почне македонскиот јазик да биде реалност во животот на нашите луѓе, ја искажа својата мисија Пеце Бенишев од Горно Врбени, односно, Екшису, односно Ксину Неро.

Тој ни ги соопшти и идните планови за Центарот.

Знаете, тие лекции сега засега се преку интернет. Понатаму ние сигурно ќе се бориме (изучувањето на јазикот) да влезе во основните школи, да влезе во средните школи и очекуваме да имаме катедра и на универзитетите. Имаме посебен Факултет на балкански јазици на кој само македонскиот јазик не е вклучен. Имаме направено молби и до државата, до Министерството за образование за да влезе јазикот (во програмите) на тие факултети за балканските јазици, ни кажа Пеце Бенишев.

Бенишев ни откри дека такво писмо испратиле и во Истанбул, до Цариградската Патријаршијатаза да се организира, како што вели тој, во нашите цркви службите да се вршат и на македонски.

Својот оптимизам, вели Пеце Бенишев, по македонски, а на грчки Василијадис Петрос, го крепи на одлуката за регистрацијата на Центарот за македонски јазик и на досега отфрлени приговори и тужби на трети страни коишто го оспоруваат овој чин.

Се чини дека, барем досега, грчкиот суд се постави како што треба во однос на ова прашање.

 Не само што се постави како што треба, туку се зачудивме и самите ние зашто очекувавме да не одбијат, да не постоиме официјално. Ние пак ќе ги дававме уроците по македонски јазик преку интернет, ама тоа е друго. Навистина, тоа беше многу добар чекор напред за можеме да постоиме официјално и македонскиот јазик да биде официјално признаен и во Грција и од грчката власт, не ја крие радоста и возбудата Бенишев од Горно Врбени/Екшису/Ксину Неро.

Пеце Бенишев/Василијадис Петрос: Судот се постави како што треба, очекувавме да не одбијат

МАКЕДОНСКИОТ Е ПРАШАЊЕ НА ФАКТИ, А НЕ НА ИДЕОЛОШКИ ИЛИ ДРУГИ ПРЕДРАСУДИ

Наспроти емоциите на Македонците во Грција, кои се толку очекувани и оправдани, она што му дава посебна тежина на позитивниот исход за регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин во Грција, е објективната и рационална поддршка на прогресивните грчки личности како што е, меѓу другите, и професорката Александра Јоаниду, од Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун.

Таа за оваа сторија за Рацин.мк се сеќава на своето сведочење и на конструктивниот и одмерен пристап на судијката на случајот.

Судијката поставуваше многу интересни и важни прашања како што се, на пример, мојата експертиза и стручност и специјалност, моите студии, дали сум слушнала за јазикот, дали знам за јазикот, дали овој јазик бил забрануван…

Моите одговори беа апсолутно објективни, вели професроката Јоаниду, и во врска со тоа дали јазикот бил забрануван не го поврзав со долгата историја, со децении, на прогон на јазикот и на луѓето што го говорат, што исклучително добро документирано во книгата на Тасос Костопулос „Забранетиот јазик“.

– Во мојот одговор јас само потсетив дека и покрај овие историски факти, две или три одлуки на грчките судови да го забранат јазикот, беа отфрлени од страна на Европскиот суд за човекови права и дека тоа е доволно да се заклучи дека нешто не е погрешно во пристапот на Грција по ова прашање, се сеќава професорката Александра Јоаниду, од Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот во Солун.

Таа вели дека морала да се соочи и со прашањата на другата страна, кои главно, според неа, биле глупави прашања, како на пример, од каде доаѓа.

– Како да луѓето што доаѓаат од Атина немаат свое мислење за нешто што се зборува или не, или дали нешто постоин или не постои, вели професорката и додава дека обвинителите ги мешале чувствата со фактите.

– Тоа го правеа постојано затоа што тоа е начин на националистите. Да ги мешаат верувањата со фактите. На пример, тие не прашуваат дали овој јазик постои или дали се говори, што е фактичко прашање, туку прашуваат во што верувам, и јас, се разбира, им одговорив дека тоа не е прашање на верување, туку прашање на факти, посочува на своети сведочење пред судот во Лерин Александра Јоаниду, чијашто специјалнот се славистичките јазици.

Таа ја истакнува судијката на случајот Центар за македонски јазик, којашто ја донесе одлуката напишана на 80 страници, и која што ги прекинувала обвинителите или адвокатите на третите страни во жалбените постапки кога поставувале прашања од идеолошка природа или прашања коишто произлегуваат од уверувања и инсистираше да бидат поставувани прашања за фактите.

Проф. Јоаниду: Македонскиот е прашање на факти, а не на идеолошки или други предрасуди

 Реката е помината, нема назад – само напред

На Центарот за македонски јазик му претстојат уште многу искушенија. Основачите на центарот, активистите на „Виножито“, Македонците и пријателите Грци, веќе ги знаат сите датуми за новите судски рочишта во разни инстанци и од разни тужители до октомври оваа година.

Но, како што рекоа некои од нив, македонскиот јазик е постојана борба, реката е помината и враќање назад нема. Македонскиот јазик секојдневно станува реалност за многу семејства како основно човеково право и како резултат на воспоставувањето пријателски односи меѓу двете земји кои со Преспанскиот договор создадоа услови за таа реалност.

*

Следно од серијата „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ е сторијата „Преспанскиот договор – симбол за поврзување меѓу народите“

Сите четири стории од серијата „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ се реализирани со поддршка на Фондацијата Заев – Едно општество за сите

Зачлени се на нашиот е-билтен