Најавена е премиерата на театарската претстава за млади – „Чудо“ со текст и режија на Хана Миленковска

Во продукција на Koma design studio на 10 февруари во Културен центар Јадро премиерно ќе биде изведена театарската претстава за млади – „Чудо“ според текст и во режија на Хана Миленковска и со младата актерската екипа: Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски и оригинална музика на Ади Имери. Следниот ден на 11 февруари е планирано репризно издание. Изведбите ќе почнат во 20:00 часот.

Целта на оваа претстава е да се занимава со актуелни проблеми на младите луѓе од овој геополитички контекст, врзани со род, социјален статус, недостаток на конструктивна поддршка од системот и родителите, како и неможност да се потпрат на никој освен на своите врсници за одредени прашања.

Младите денес сѐ уште се соочуваат со недостаток на слух од образовниот систем, површно третирање на суштински проблеми, како врсничко насилство и родова и дискриминација по основ на сексуална ориентација. Покрај тоа, не постои формално сексуално образование, како и конзистентна и бесплатна поддршка за проблемите со менталното здравје кои за жал во ова доба се доста присутни, или веројатно поради доволно информации сме посвесни за нив сега од било кога.

Една од главните тези во претставата е дека сите сме ограничени од сопствените животни искуства и дека начинот на кој бараме и нудиме помош на околината зависи од тоа како ни се формирале тие концепти за време на развојот.

Оваа претстава има за цел да не потсети сите на фактот дека сме заедница, притоа поставувајќи ги прашањата кои не спречуваат да се поврземе.

Претставата е дел од кампањата „Биди чудо од девојка“, во рамки на проектот „Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежа Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Претставата е наменета за млади и бесплатни влезници можат да се резервирате на тука.

Зачлени се на нашиот е-билтен