Охрид во знакот на Фолтин и винилот „FOLTIN LIVE“ – доаѓа големиот јубилеен концeрт

Фолтин

Јубилејната година на Фолтин продолжува да се движи низ градовите, низ музиката и низлуѓето со кои три децении ја споделуваат својата приказна.

Изминатиов викенд Охрид беше една од станиците на Фолтин.

Во KULT културен центар се одржа слушачка промоција на FOLTIN LIVE, двојниот винил со кој концертната енергија на Фолтин продолжува да живее и надвор од сцената. Албумот се слушаше на врвен звук обезбеден од инженерингот на „ТЕОХАРОВ”, во амбиент создаден за внимателно, заедничко слушање и уживање во аналогниот звук.

Во неделата, приказната продолжи на винил саемот Охрид 33/45, каде во Шила Кафе & Бар посетителите имаа можност да го погледнат и да го набават лимитираното издание FOLTIN LIVE.

Од првите 150 рачно нумерирани и потпишани примероци, останаа уште последните количини, наменети за оние кои музиката сакаат да ја имаат и во нејзината физичка, аналогна форма – колекционери, аудиофили и долгогодишни пријатели на Фолтин.

Следното аудиофилско слушање е закажано за во Битола, на 26 август, во новиот продажен салон на Божиновски часовници и накит – Галерија Божиновски, каде FOLTIN LIVE ќе добие уште една можност да биде слушнат онака како што е замислен – внимателно, гласно и со време посветено само на музиката.

Во меѓувреме, календарот полека се приближува до 29 август и Хераклеа, каде ќе се случи големото јубилејно собирање – концертот со кој Фолтин ќе одбележи 30 години од својот прв концерт и ќе го затвори Битфест 2026.

Триесет години подоцна, приказната сe уште се пишува.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?