Решетките на Македониумот се привремени, порача директорката на Завод и музеј Прилеп

Македониумот

По жестоките реакции во јавноста во врска со несоодветната заштита на споменикот Илинден Македониум која го менува ликот на овој споменик од прва категорија, се јави директорката на прилепскиот Завод и музеј, Мимоза Христоска, со соопштениа.

Таа вели дека преземените мерки на споменикот Македониум во Крушево имаат исклучиво превентивна заштитна функција. Христоска нагласи дека станува збор исклучиво за преземање превентивни мерки за заштита, кои се само преодна фаза кон целосна конзервација на објектот.

За конзервацијата, во тек е изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата од Споменикот Илинден-Македониум, во кој ќе се дефинираат сите потребни интервенции согласно конзерваторските принципи, стручните стандарди и важечката законска регулатива за заштита на културното наследство.

Македониумот, како споменик на културата од исклучително значење, во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност. Причина за тоа се сериозните оштетувања предизвикани од долготрајната изложеност на климатско-атмосферски влијанија: навлегување на вода, влага, протекување и биодетериорација.

Овие влијанија особено ја загрозуваат металната конструкција на која се носат стаклените галерии на првото ниво и витражите од второто ниво. Со тоа е загрозен и ентериерот, вклучително автентичните архитектонско-уметнички елементи, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.

Согласно конзерваторската методологија, се наметнала итна и неопходна мерка – превентивна заштита. Целта на активностите е да се отстрани влијанието на надворешните фактори и да се спречи понатамошната деградација на културното добро.

Заводот и музеј-Прилеп посочи дека дури по реализацијата на непосредната заштита и на конзерваторскиот проект ќе може да се коментира успешноста на неговата реализација.

Претходно реагираше Лира Грабул, ќерка на Искра и Јордан Грабул, авторите на Македониумот во Крушево, која е сопственичка на авторските права врз ова уметничко дело од прва категорија. Во изјава за Рацин.мк, таа остро реагираше на тековните интервенции на споменикот.

„Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум“, изјави таа.

Семејството Грабул, потенцира таа, го поседува авторското право врз споменикот.

Најчитано