Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Урошевиќ: Македонскиот јазик докажа дека може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него

Влада Урошевиќ: Изминавме еден доста долг пат, и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме понатаму, дека македонскиот јазик е еден јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него, и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му кажеме на светот.

На 31 мај оваа година, со пригодна свеченост на писателот академик Влада Урошевиќ, му беше врачена наградата „Роман на годината“ што секоја година ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

Влада Урошевиќ ја доби наградата за својот седми роман, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ коешто претставува едно од неговите најобемни дела.

Во рамките на програмата на свеченоста во Музејот на современа уметност ма присутните со своја беседа им се обрати академик Влада Урошевиќ.

Во продолжение ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

Се разбира, за мене претставува големо задоволство одлуката на жирито токму мојот роман да ја добие високата награда – да биде прогласен за „Роман на годината“. Оваа награда, низ своето дваесет и четиригодишно постоење, се стекна со значајно реноме: таа несомнено, секоја година, го побудува интересот на јавноста и станува своевидно мерило за температурата на нашата книжевна клима.

За мене посебна тежина на наградата ѝ ја дава фактот што, од 2017-татата, зад неа стои „Фондацијата Славко Јаневски“ – поради тоа, во мојата претстава, ја чувствувам наградата како своевидно продолжување на моето дружење со Славко Јаневски, на никогаш завршениот дијалог со овој наш голем и веќе легендарен творец, ја доживувам како уште еден миг помеѓу толкуте исклучителни мигови од пријателските средби исполнети со заемно разбирање и со вкрстување на искуства, со ткривања на заедничките афинитети и со обостраното поттикнување и проникнување во теми што ни беа блиски и на двајцата.

Славко Јаневски

И покрај разликата во години (и разликата во припадноста на маалата – јас сум Дебармалец, а Славко беше Новомалец, неговата куќа беше на педесетина чекори од местото каде што денес се издига неговиот споменик во паркот Жена-борец) – можам да речам дека многу добро се разбиравме кога се сеќававме за некогашното, предвоено Скопје, кога се навраќавме кон дамнешната лектира на детството – стриповите за Тарзан, за Флаш Гордон и за Принц Валијант, кога, разговарајќи за сликарството, се одушевуваме со делата на старите мајстори – Хиеронимус Бош и Питер Бројгел Постариот, но и со визиите на сликарите од големата епоха на надреализмот – Макс Ернст, Рене Магрит и Салвадор Дали. Уживав многу пати во ловечките приказни на Славко, во неговото извонредно суптилно познавање на природата – во деталите кои зборуваа за неговата исклучителна набљудувачка дарба, која одеше сѐ до забележување на најситните детали во навиките на птиците и во однесувањето на инсектите.

Се восхитував од прецизноста со која ги наведуваше латинските имиња на растенијата, од неговата речиси научничка терминологија, но, исто така и од хуморот и од фантазијата со кои умееше да ги обои раскажувањата за случките од неговите ловечки потфати. Во неговите приказни за лутањата низ шумите, клисурите и скрките, низ пустите ридишта и мочуришта, низ летните жеги и зимските снегови, Македонија стануваше една земја на најневеројатни случувања, земја на тајни и земја на чуда. За новите генерации Славко Јаневски е, секако, творец на извонредни дела, кои одново се издаваат и одново се читаат, но јас, во тој однос, имам и една предност: во моето сеќавање носам спомени за него како за една особена, неповторлива личност. Фактот што зад оваа награда стои фондацијата која го носи неговото име, ми го прави ова признание уште поскапоцено.

Бев гимназист, кој во школските тетратки ги бележешее своите први книжевни текстови, кога во излозите на книжарниците во главната улица на Скопје се појавија примероците на неговиот роман „Село зад седумте јасени“ . Првиот македонски роман, појавен во 1952 година, беше извонредно значаен настан – кој одекна не само во книжевните кругови, туку и во најшироката македонска јавност. Секаде се зборуваше само за таа книга – сите беа возбудени, некои – одушевени, некои – по малку скептични, но, во секој случај, сите беа провоцирани – никој не остана размнодушен. И тоа со месеци беше тема во кругови многу пошироки од книжевните. Бевме свесни дека сме сведоци на еден неповторлив настан, на миг кој , чувствувавме, ќе остане како особено значаен датум во македонската културна – и на само културна – историја. „Еве, сега имаме и роман!“

А само седум години пред тоа беше објавен првиот македонски буквар! Тоа во бајките на браќата Грим се вели – да се имаат чизми со чекори од седум милји! Појавата на оваа книга на Јаневски значеше дека македонската литература станува полнолетна; белградскиот поет Душан Матиќ имаше објавено, некаде во тие години, текст под наслов: „Романот – голема матура на книжевноста“.

Славко Јаневски ја имаше храброста, дарбата и среќата прв да излезе на испит и да го добие свидетелството. Појавата на „Село зад седумте јасени“, сеедно каква е нашата денешна оценка на неговите чисто книжевни вредности, значеше тогаш, во тој миг, дека македонската литература, дека македонската култура, фаќаат чекор со другите (прво југословенски, а потоа и европски) литератури и култури, беше непобитен доказ дека македонската книжевност е веќе доволно зрела за да може да се зафати со еден таков сериозен потфат каков што тогаш, во тоа време, во нашата свест, претставуваше романот.

И еве, денес, седумдесет години по објавувањето на овој прв македонски роман, можеме да констатираме дека имаме една литература во која излегување на нов роман веќе претставува сосема нормална, секојдневна појава, и во која за наградата „Роман на годината“ годинава конкурираа, ако добро се сеќавам, триесет и пет романи . Значи дека излегувале на секои единаесет-дванаесет дена во годината по еден! Добро темпо!

Такво нешто, во тоа време, не можеше ни во најсмелите соништа да се претпостави. Но, минуваа години и тоа што никој не можеше ни да го замисли, се оствари. Драго ми е што бев сведок и учесник на тоа долго патување.

Изминавме еден доста долг пат, и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме понатаму, дека македонскиот јазик е еден јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него, и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му кажеме на светот.

Со нетрпение го чекам новиот роман кој, следната година ова време, ќе го понесе називот „Роман на годината“, придружувајќи се на тој начин на редицата дела кои, во мигот на појавата, донесуваа нови вредности , а кои, во текот на годините, се потврдија како траен придонес кон македонската книжевност.

Зачлени се на нашиот е-билтен