Во Центар – Јадро промоција на книга на Славчо Димитров

Во Културно социјалниот простор Центар – Јадро вечер ќе се одржи промоција на книгата „Anarchic bodies: Corporeal materialism, affects and the political“ на Славчо Димитров, во рамки на Фестивалот на критичка култура КРИК, кој тематски е насловен како „Преобразби“.

Фестивалот е во организација на Контрапункт. Промотори на книгата се професорката Јелисавета Благојевиќ од Белград и професор Љубомир Данаилов Фрчкоски.

Книгата е објавена на англиски јазик во едицијата „Пунктум“, едиција која Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура, ја посветуваат на современата критичка теорија, континентална филозофија, теорија на современата култура и уметност, родова теорија и филозофија и политичка филозофија.

-Во својата книга „Anarchic bodies: Corporeal materialism, affects and the political“, Димитров го анализира концептот на политичкото (le politique) преку истражување на неговата комплексна и конститутивна вмреженост со телесноста, афектите и материјалноста. Централниот проблем и прашање на неговиот истражувачки потфат е: како можеме да го замислиме и изведуваме политичкото како радикална разлика – означувајќи го безтемелниот, контингентен, безднен и нарушувачки момент – што го прави (не)возможен самиот темел на општеството, доколку во центарот на нашето поимање на политичката онтологија го поставиме телото како делотворна, динамична, трансформативна, ексцесивна и релациска светотворечка материјалност, соопштија од КРИК.

Како што посочуваат, она што ја прави оваа книга особено значаен проект, покрај длабинските теоретски ангажмани, е и нејзиниот фокус врз конкретни студии на случај што ги пресекуваат полето на уметничките практики (визуелна уметност), политичкото дејствување и протест, како и културната продукција.

Димитров се осврнува на дела од уметниците Велимир Жерновски и Феликс Гонзалес-Торес, на политичките протести во Северна Македонија познати како Шарената револуција, како и на субкултурната и панк сцена во Љубљана за време на социјалистичките 80-ти. Повеќе за книгата видете на објавата на Фејсбук.

Славчо Димитров своите докторски студии ги заврши на универзитетот Сингидунум, во Белград на катедрата за Современа уметност и медиуми. Магистрираше Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа се здоби и со магистратура во областана на мулти-дисциплинарните родови студии на Универзитетот во Кембриџ. Работел како асистент во одделот за правни и политички науки на ФОН универзитетот и на постидпломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан. Димитров е основач на Меѓународната летна школа за сексуалност, култура и политика во Белград. Toj e куратор на Skopje Pride Weekend, фестивал за квир уметност, култура и теорија. Сега тој е директор на Коалиција Маргини Скопје. Димитров спровел истражување и објавил огромен број трудови од областа на културните и родовите студии, политичката филозофија, студиите за перформанс и квир теоријата во регионални и меѓународни списанија и книги. Добитник е на наградата AICA Македонија – „Ладислав Баришиќ“ во 2018 година и на наградата Игор Забел, грант за култура и теорија, во 2020 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен