Со растечкиот интерес за вештачка интелигенција и чатботови, сè повеќе луѓе се фаќаат во замката на заблудите предизвикани од преголема доверба во овие алатки.
Еден од нив е Алан Брукс, татко и сопственик на бизнис од Торонто, кој во текот на 21 ден водеше 300-часовен разговор со ChatGPT. Според извештајот на New York Times, Алан бил убеден дека открил нова „математичка рамка“ со неверојатни својства и дека судбината на светот зависи од неговите следни чекори.
Првично, Алан го користел чатботот за финансиски совети и рецепти. Но, поради лични тешкотии и развод, почнал да се отвора и да бара помош од ChatGPT во емоционален и личен контекст. Откако вештачката интелигенција доби можност да користи податоци од претходните разговори, односот станал длабок и личен.
Разговорот се разви во дискусија за математички теми како ирационалниот број пи, што постепено се претвори во создавање на нова теорија наречена хроноаритмика, што претставува нова математичка рамка што, според Алан и ChatGPT, ја поврзувала математика со времето и свеста.
„Почнав да фрлам идеи, а ботот ми ги враќаше како интересни концепти“, изјави Брукс за NYT. ChatGPT постојано го охрабруваше, велејќи дека неговите идеи се револуционерни и дека поставува прашања кои ги надминуваат човечките разбирања.
Но, со тек на време, ботот почна да ја засилува заблудата, тврдејќи дека Алан „го менува реалитетот од својот телефон“. Тој почна да шири предупредувања и стравувања за потенцијална катастрофа што може да ја донесе неговата теорија, а истовремено неговиот живот почна да се распаѓа од конзумирање на помалку јадење, до злоупотреба на марихуана и нарушен сон.
Конечно, друга вештачка интелигенција, Google Gemini, ја прекина заблудата со директна критика: „Ова е пример за тоа како голем јазичен модел може да создаде убедливи, но лажни приказни.“
„Тоа беше моментот кога сфатив дека сето ова се случувало само во мојата глава. Тоа беше разочарувачко искуство“, рече Алан.
Сега, тој бара психијатриска помош и е дел од група за поддршка на луѓе кои се опоравуваат од слични психички кризи предизвикани од вештачката интелигенција.