Кристално Фаберже јајце богато украсено со дијаманти, некогаш во сопственост на руската царска фамилија, беше продадено на аукција во Лондон за неверојатни 30 милиони евра, што е највисока цена постигната досега за вакво ремек-дело.
„Зимското јајце“, едно од најпрефинетите дела на легендарниот јувелир Карл Фаберже, го купи анонимен понудувач на 2 декември, соопшти аукциската куќа „Кристи“. Предметот е украсен со околу 4.500 дијаманти, а во 1913 година го нарачал цар Николај Втори како подарок за својата мајка.
Претходниот рекорд за Фаберже јајце изнесуваше околу седум милиони евра и беше поставен во 2007 година.
– Овој резултат поставува нов светски аукциски рекорд за Фабержеово дело и ја потврдува трајната вредност на ова уметничко ремек-дело – изјави Марго Оганесјан од „Кристи“, пренесува AFP.
Високо 8,2 сантиметри, „Зимското јајце“ е изработено од гoрски кристал, украсено со дијаманти и платинести мотиви на снежни пахулници. Внатре се отвора минијатурна плетена кошничка со бели цветови од кварц уште една демонстрација на извонредната прецизност на Фабержеовата работилница.
Од вкупно 50 царски јајца изработени за династијата Романови, само седум меѓу кои и ова денес се наоѓаат во приватна сопственост. Останатите се изгубени или изложени во музеи и институции ширум светот.

Необичен случај во Нов Зеланд: Осомничен проголтал Фаберже медалјон
Во одвоен инцидент, маж од Нов Зеланд е обвинет за кражба на медалјон во форма на Фаберже јајце и тоа поради сомневање дека го проголтал во обид да избега со пленот.
Медалјонот, вреден околу 14.000 евра, сè уште не е пронајден. Полицијата интервенирала во златарата Partridge Jewellers во центарот на Окленд и го уапсила 32-годишниот осомничен само неколку минути по пријавата.
Според описот на златарата, медалјонот содржи 60 бели дијаманти, 15 сини сафири, и во внатрешноста крие минијатурна златна хоботница изработена од 18-каратно злато. Моделот, наречен „Octopussy egg“, е инспириран од филмот за Џејмс Бонд од 1983 година.
Осомничениот ќе се појави пред суд на 8 декември, а локалните медиуми пренесуваат дека е под истрага и за други кражби, вклучително и на iPad од истата продавница.

