Меѓуѕвездениот астероид 3I/ATLAS во петок најблиску до Земјата

Меѓуѕвезден астероид, откриен ова лето и означен како 3I/ATLAS, оваа недела ќе помине во близина на Земјата, по што трајно ќе го напушти Сончевиот систем, соопшти Американската вселенска агенција НАСА.

Според податоците на агенцијата, астероидот во петок ќе се приближи до нашата планета на растојание од околу 269 милиони километри, што, иако астрономски релативно блиску, не претставува никаква опасност за Земјата.

Научниците наведуваат дека 3I/ATLAS не покажува карактеристики на комета, нема видлива опашка ниту знаци на испарување на мраз, поради што е класифициран како неактивен меѓуѕвезден астероид, односно тело што потекнува од ѕвезден систем надвор од Сончевиот. Називот ATLAS доаѓа од телескопскиот систем со кој објектот бил откриен.

НАСА ја следи неговата траекторија со повеќе телескопи и проценува дека неговиот пречник се движи меѓу 440 метри и 5,6 километри. Поради постепеното слабеење на неговата осветленост, астрономите посочуваат дека најповолно време за набљудување е во текот на ноќта, со помош на телескопи.

Во март, 3I/ATLAS ќе помине и релативно блиску до Јупитер, на растојание од околу 53 милиони километри, по што ќе продолжи кон надворешните делови на Сончевиот систем. Според НАСА, објектот целосно ќе се врати во меѓуѕвездениот простор дури во средината на 2030 година и нема повторно да се појави во близина на Земјата.

Ова е трет познат меѓуѕвезден објект што поминал низ Сончевиот систем. Научниците нагласуваат дека 3I/ATLAS не претставува закана, туку ретка можност за истражување на материјал од друг ѕвезден систем, кој потенцијално е значително постар од нашиот.

Зачлени се на нашиот е-билтен