НАСА им забрани на кинески државјани учество во нејзините вселенски програми

Фото: ESA–L. Parmitano, CC BY-SA IGO 3.0, CC BY-SA 3.0 IGO, via Wikimedia Commons

Американската вселенска агенција НАСА донесе одлука за блокирање на учеството на кинески државјани во своите вселенски програми, со цел – како што наведуваат – заштита на безбедноста и интегритетот на своите системи и инфраструктура.

„НАСА презеде внатрешни мерки во врска со кинески државјани, вклучително и ограничување на физичкиот и сајбер пристап до нашите објекти, материјали и мрежа“, изјави портпаролката на агенцијата, Бетани Стивенс, пренесува Блумберг.

Неколку лица кои претходно биле вклучени во проекти на НАСА, а доаѓаат од Кина, за медиумите изјавиле дека ненадејно биле исклучени од ИТ системите и им бил забранет пристап до состаноци, сето тоа без претходна најава.

Иако и претходно кинески граѓани не можеа да бидат вработени како редовен персонал, учествуваа како студенти или надворешни соработници, но и тие сега се исклучени.

Одлуката доаѓа во време на зголемена геополитичка и вселенска конкуренција меѓу САД и Кина, кои водат паралелни програми за испраќање човечка посада на Месечината.

Американската мисија Artemis, наследник на историските Apollo летови (1969–1972), има за цел слетување на Месечината до 2027 година, иако се соочува со доцнења и финансиски пречекорувања.

Во меѓувреме, Кина планира да ги испрати своите „тајконаути“ на Месечината до 2030 година, и според анализите, понапредна е во исполнувањето на планираните рокови.

„Кинезите сакаат да се вратат на Месечината пред нас. Тоа нема да се случи. Америка беше и ќе остане лидер во вселената“, изјави в.д. директорот на НАСА, Шон Дафи.

Кина има амбиции да стане и првата земја што ќе врати примероци од површината на Марс, со мисија планирана за 2028 година, а враќањето на примероците се очекува во 2031 година.

САД и Европската вселенска агенција веќе подолго време работат на заедничка мисија за враќање примероци од Марс, но администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп предложи нејзино откажување, со можност наместо тоа да се спроведе мисија со човечка посада, иако нема конкретни детали.

Зачлени се на нашиот е-билтен