Неодржливото производство на храна и фосилни горива предизвикува штета врз животната средина од околу 5 милијарди долари на секој час или неверојатни 45 билиони долари годишно предупредува новиот извештај на Обединетите нации, пренесува „Гардијан“. Експертите истакнуваат дека запирањето на оваа штета е неопходен дел од глобалната трансформација на управувањето, економијата и финансиите, која мора да започне „пред колапсот да стане неизбежен“.
Извештајот Global Environment Outlook (GEO), подготвен од 200 истражувачи за Програмата на ОН за животна средина, нагласува дека климатската криза, уништувањето на природата и загадувањето веќе не можат да се третираат исклучиво како еколошки проблеми.
„Овие процеси го поткопуваат нашето стопанство, безбедноста на храната и водата, човечкото здравје. Тие се и прашања на национална безбедност, кои предизвикуваат конфликти во многу делови од светот“, изјави професорот Роберт Вотсон, копретседавач на проценката.
Како што расте светската популација, така се зголемува побарувачката за храна и енергија, а најголемиот дел од производството сè уште се реализира на начини што директно го оштетуваат планетот. Иако одржлив свет е можен, истражувачите предупредуваат дека политичката храброст е клучната алка што недостасува.
„Ова е итен повик да ги трансформираме нашите системи пред колапсот да биде неминовен“, рече професорот Едгар Гутиерес-Еспелета, поранешен министер за животна средина на Костарика. „Науката е јасна. Решенијата се познати. Потребна е само храброст да се дејствува со обем и брзина какви што ги бара историјата.“
Политички блокади и неуспешни договори
Извештајот доаѓа во момент на сложена геополитичка ситуација. Според авторите, САД под водство на Доналд Трамп, заедно со неколку други земји и корпоративни интереси, активно работат на блокирање или ослабнување на глобалните еколошки политики.
Годинешниот GEO извештај брои 1100 страници, но земјите не успеале да се договорат околу заеднички политички резиме. Саудиска Арабија, Иран, Русија, Турција и Аргентина се спротивставиле на споменувањето на фосилните горива, пластиката, намалено консумирање месо и други чувствителни теми.
Во заедничката изјава на Обединетото Кралство во име на 28 земји се наведува: „Сведочевме обиди да се одврати вниманието и да се доведе во прашање научната основа на процесот. Науката не е предмет на преговори.“
Цената на неакцијата е далеку поголема
Извештајот нагласува дека долгорочните придобивки од климатските мерки се огромни: до 20 билиони долари годишно до 2070 година и дури 100 билиони долари годишно до крајот на векот.
„Потребни се визионерски влади и бизниси кои ќе сфатат дека поефикасно и попрофитабилно е решавањето на проблемите отколку нивното игнорирање“, изјави Вотсон.
Една од „критичните вистини“ е дека еколошките кризи се и политичка и безбедносна закана која го разорува социјалниот поредок. Финансиската реформа, според авторите, е од суштинско значење.
„Еколошката политика мора да стане темел на националната безбедност, социјалната правда и економските стратегии“, порача Гутиерес-Еспелета.
Годишната штета од 45 билиони долари главно произлегува од согорувањето јаглен, нафта и гас, како и од индустриската земјоделска практика која ја уништува природата. Најголемиот товар го носи глобалниот систем за производство на храна, 20 билиони долари. Потоа следуваат транспортот со 13 билиони и производството на електрична енергија од фосилни горива со 12 билиони долари.
Овие трошоци треба да се вклучат во реалната цена на енергијата и храната, со цел да се насочат потрошувачите кон одржливи избори. Но, како што истакнува Вотсон, социјалните категории мора да бидат заштитени: „Потребни се силни социјални механизми за да се осигура дека најранливите нема да бидат оштетени.“
Силните интереси го сопираат напредокот
Извештајот предлага низа мерки, меѓу кои: универзален основен доход, данок на месо, поголеми субвенции за здрава храна од растително потекло и укинување на 1,5 билион долари штетни субвенции за фосилни горива, храна и рударство.
И покрај фактот што енергијата од ветер и сонце веќе е поевтина на многу места, напредокот го блокираат интересите поврзани со фосилните горива. Дополнително, климатската криза можеби е уште потешка отколку што се претпоставува.
„Веројатно ја потценуваме големината на климатските промени“, предупредува Вотсон. Само укинувањето на субвенциите за фосилни горива би можело да ги намали глобалните емисии за една третина, заклучува извештајот.
Оценките на ОН се јасен сигнал: човештвото ја троши иднината со брзина што светот веќе не може да ја издржи.

