Возачите кои секојдневно се движат низ градски метеж можат да ја намалат потрошувачката на гориво со една функција која веќе ја имаат повеќето понови автомобили – start-stop системот. Тој автоматски го гаси моторот кога возилото мирува, а повторно го стартува кога возачот треба да продолжи.
Најголема корист има во градски услови, на семафори и во колони, каде моторот често работи во место без автомобилот да се движи. Токму тој празен од може непотребно да троши гориво.
Start-stop системот ја прекинува работата на моторот кога автомобилот е запрен, а електрониката го активира повторно веднаш штом ќе се отпушти сопирачката, ќе се притисне квачилото или ќе се побара тргнување, зависно од моделот на автомобилот.
Според податоци што ги наведува британскиот RAC, истражувања покажале дека ваквата технологија може да донесе подобрување на економичноста на горивото од околу 5 до 7 проценти. Реалната заштеда, сепак, зависи од автомобилот и начинот на возење и ќе биде најголема кај возачи кои често се движат низ густ градски сообраќај.
Кај повеќето автомобили системот е автоматски активен при стартување, но може рачно да се исклучи со копче кое најчесто има ознака „A“ опкружена со стрелка. Кај поновите модели функцијата може да се контролира и преку мултимедијалниот екран.
Честа причина поради која возачите го исклучуваат системот е стравот дека честото палење и гасење го оштетува моторот, стартерот или акумулаторот. Современите автомобили со фабрички start-stop, сепак, користат засилени стартери и акумулатори проектирани за многу поголем број циклуси на стартување. Системот нема ни да го изгаси моторот ако процени дека акумулаторот нема доволно енергија или условите не се соодветни.
Тоа не значи дека со притискање едно копче потрошувачката драматично ќе се намали. Поголемо влијание и понатаму имаат начинот на возење, брзото забрзување и сопирање, притисокот во гумите, брзината и непотребното работење на моторот во место.
Но за автомобилите што веќе ја имаат оваа технологија, оставањето на start-stop функцијата активна е едноставен начин да се избегне трошење гориво додека автомобилот стои.

