Вечерва цела Македонија гледа во месечината. Причина е целосното затемнување на Месечината што се случува вечерва. Од Скопското астрономско друштво поставија два телескопа на плоштадот „Македонија“, но затемнувањето е видливо и со „голо око“.
Реткиот феномен – целосно затемнување на Месечината, се гледа и заради ведрото небо без облаци.
Гледано од Скопје, нема да се види помрачувањето во целост, туку неговиот втор дел, велат од Скопското астрономско друштво.
– Месечината ќе изгрее над источниот хоризонт веќе делумно затемнета, но, не и целосно. Скопското астрономско друштво ќе постави два телескопа на плоштад „Македонија“, во центарот на градот. Околу 19 часот очекуваме изгревање на полу-затемнета Месечина, која со текот на времето ќе станува сè потемна и ќе добива црвеникава боја, појаснуваа од Скопското астрономско друштво.
Делумното лунарно затемнување на Месечината вечерва се набљудува и од Паркот на паднатите борци во Неготино. Телескопите се поставени од страна на регионалното еколошко друштво „Ековита”.
– Станува збор за посебна вечер под ѕвезденото небо, го набљудуваме спектаклот на месечевото полузатемнување. Ја следиме трансформацијата на месечината. Имаме поставено телескопи на споменикот. Активноста е поддржана од Општина Неготино, појаснија од „Ековита”.
Ваквите настани, како што појаснија, стануваат традиција во Неготино, поради интересот кај сите љубители на вакви активности.