(2) Заложници на минатото: Заборавениот уредник и судирот на национализмите

Заложници
Камениот мост во Скопје со спомениците на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум, кои беа дел од проектот Скопје 2014 на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: Мета.мк, декември 2025 г.

Зошто Северна Македонија и Бугарија остануваат заложници на историјата? Новинската агенција Мета објавува фељтон со серија написи во авторство на новинарот Борјан Јовановски преку кои се нудат одговори на ова прашање кое преку најразлични штетни влијанија и пропаганда години наназад го кочи напредокот на македонската држава кон неопходни реформи кои ќе влијаат на подобрување на квалитетот на животот во рамки на процесот на пристапување на земјата кон Европската унија.

Борјан ЈОВАНОВСКИ*

Скопје, 20 јуни 1944 г. – Четворица македонски борци, затворени како политички осуденици, бегаат од скопскиот затвор „Идризово“. Еден од нив е тогаш 37-годишниот Васил Ивановски, човекот кој за неколку месеци ќе стане првиот главен уредник на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. И покрај тоа, неговата блескава револуционерна кариера сепак завршува трагично. Замолчен од истите идеологии против кои се борел, Ивановски е избришан од колективната меморија на народот за чија слобода се залагал. Денес, неговата голгота претставува моќна метафора за односите меѓу Македонија и Бугарија, односи оптоварени со старите пропаганди на српскиот и бугарскиот национализам и дополнително потпалувани од руското геополитичко влијание.

Голготата на Васил Ивановски

Пртинскрин од написот на Васил Ивановски со наслов „Зошто ние Македонците сме посебна нација“ објавен во 1934 година | Извор: Податотека на МАНУ на Википедија

Васил Ивановски е првиот главен уредник на весникот „Нова Македонија“, функција што ја добива кон крајот на октомври 1944 година, непосредно по ослободувањето, како дел од напорите за градење македонска државност. Но, овој истакнат публицист и револуционер денес речиси и да не е познат на пошироката јавност. Интересно, Ивановски е автор и на значајниот текст „Зошто ние, Македонците, сме одделна нација“, објавен во 1935 година, една година по неговото зачленување во ВМРО Обединета во Софија. Овој рано деклариран македонски национален активизам ќе го одбележи целото негово бурно житие.

Во 1942 година, во екот на Втората светска војна, Ивановски е уапсен од бугарските власти и осуден на 15 години затвор. Најпрво е затворен во Бугарија, но потоа е пренесен во скопско Идризово од 1943 година. На 20 јуни 1944 година, заедно со Перо Ивановски, Димитрија Алексовски Пекар и Никола Димитровски Грчето, успева да побегне од затворот и веднаш се приклучува во партизани. Како делегат учествува на Првото заседание на АСНОМ, а активно се вклопува и во новинарската дејност на движењето, работејќи во партизанскиот весник „Илинденски пат“. Кога на 29 октомври 1944 излегува првиот број на весникот „Нова Македонија“, првиот дневен весник на македонски јазик, Васил Ивановски е именуван за негов прв главен редактор. Набргу потоа станува и заменик министер за социјална политика во првата народна влада.

Ивановски се задржал на својата функција само за првиот број на „Нова Македонија“. Архивите откриваат дека тогашниот партиски врв бил незадоволен од јазикот и писмото на тој прв број, отпечатен на македонски јазик со тогашна правописна норма, наместо на стриктно српската азбука на Вук Караџиќ. Ивановски бил тргнат од функцијата и тивко распореден за заменик министер. Никогаш јавно не била соопштена причината за таа смена.

По неколку месеци, Ивановски побарал дозвола да се врати во Бугарија. Во ноември 1945 година се преселува во Софија, каде продолжува да работи во културното друштво „Македонско братство“. Во 1949 година станува жртва на монтираниот процес против Трајчо Костов, бугарски функционер кој поддржувал македонска национална самобитност. Костов бил обесен, а Ивановски уапсен и осуден на 12 години строг затвор како „македонист“. Одлежува седум години во затвор, и е рехабилитиран дури во 1956 година. Потоа, иако живее во Софија до крајот на животот во 1991 година, неговото име исчезнува од македонската јавност. Како да бил свесно избришан поради неговото спротивставување на просрпската политика во Македонија по Втората светска војна.

Старите национализми во служба на Москва

Историчарите и аналитичарите денес често посочуваат дека македонско бугарските односи се заложници на длабок судир кој трае од почетокот на 20 век, кога српскиот и бугарскиот национализам се судруваат околу Македонија. По Втората светска војна, овој судир се интензивира под водство на партиските комесари Светозар Вукмановиќ Темпо и Добривое Радосављевиќ Боби, кои преку Лазар Колишевски спроведуваат насилна идеолошка линија кон секој што не го прифаќа просрпскиот дискурс.

„Бугари Татари“ e позната и актуелна парола која редовно се употребува пежоративно во колоквијалниот говор но и во многу текстови од пропагаден карактер. Многумина кои ја користат оваа парола со цел да омаловажат цел еден народ не знаат дека таа е креирана уште во времето на Втората Балканска војна како дел од официјалната српска пропаганда и како таква инконпорирана и во образовниот систем. Се разбира, истата е денска анахронизам во Србија но не и кај нас.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски | Фото: принтскрин од видео на Antidisinfo.net

„Голем дел од актуелната македонска интелектуална елита сè уште размислува во рамки на политиките диктирани по Втората светска војна од страна на Светозар Вукмановиќ – Темпо и Добривоје Радосављевиќ – Боби, политичките комесари на Комунистичката партија на Југославија задолжени за идеолошката коректност на тогашните македонски комунисти“, вели поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски со кого имавме можност да поразговараме за кризата во македонско-бугарските односи во кои е закочен европскиот интеграциски процес на Македонија.

Не помалку идеолошки е контаминирана и бугарската интелектуална елита често стимулирана и од руската пропаганда со оглед на проруската емоција која е сè уште жива во таа земја. Професорот Димитар Атанасов објаснува дека антимакедонските наративи во Бугарија се интензивираат од 60-тите години, кога комунизмот ја напушта интернационалната идеја и го засилува национализмот.

„Тогаш во секојдневието, пропагандата во оптек ја пушта приказната за Момчил Јунак кој ја промовира потребата за мобилизација на народот околу националната идеја“, вели историчарот Атанасов.

Веќе во 1971 година бугарскиот лингвистички атлас ги напушта границите на Бугарија, а македонскиот јазик кај источниот сосед влегува во графата „западен“ бугарски дијалект.

„Тодоро Живков и целата политичка врхушка во 70-те отвораат фронт во однос на соседите по националните теми”, вели професор Атанасов.

Комунистичката пропаганда и затвореноста на Бугарија во тој период понатаму креираат цела интелектуална елита образована во тој дух.

„Како резултат на таа матрица денеска ни се случуваат комични ситуации како онаа кога потпретседателот на Бугарската академија на науките (БАН) на амбасадорката на Албанија овде Софија ѝ рече дека Бугарија нема интерес за изучување на албанскиот јазик бидејќи голем дел од Албанците говорат бугарски дијалект“, вели професорот Атанасов во обид да ја илустрира интелектуалната малигност на пропагандата во чија матрица се изградени генерации на видни и влијателни личности.

Професор Димитар Атанасов | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Тајни доушници во политиката

Според тврдењето на Атанасов, Ќерката на Живков, Људмила, оди чекор подалеку. Како што вели тој, Људмила Живкова тврдела дека бугарската култура е основата на светската цивилизација, а целиот свет ќе говори бугарски. Според професорот, Живкова во тој период доделува титули на идеолошки послушни „научници“ гласноговорители. Професорот Атанасов раскажува и за неколкумина од нив, кои добиле професорска позиција за да промовираат великобугарски тези.

Коњуктурноста на „македонското прашање“ подоцна, според Атанасов, мобилизира и наводни соработици на бугарската тајна полиција кои по демократизацијата на таа земја се вклучуваат во политичкиот живот. Еден од нив, како што објаснува Атанасов, е и Красимир Каракачанов, лидерот на бугарското ВМРО, под кодно име „Дончо“. Тој, според Атанасов, соработувал со службите против македонските друштва во Бугарија, а подоцна станува силен противник на македонските евроинтеграции.

Важно е да се нагласи и лојалноста на тогашната бугарска елита кон СССР, емоции актуелни и денеска во тие кругови. Секако, тоа директно или индиректно беа каналите на руската пропаганда која во однос на Македонија беше особено активна со цел да ја спречи нејзината интеграција во НАТО и ЕУ.

Според еден висок извор во кабинетот на поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, во екот на разговорите за изнаоѓање на компромисно решение за да се надмине бугарската блокада кон Македонија, руската служба била особено активна во обид да се опструира процесот. Не е случајно што рускиот амбасадор во Црна Гора во 2023 година изјави дека проширувањето на ЕУ на Западен Балкан е безбедносна закана за Русија.

Голготата на Васил Ивановски не е само приказна за неправдата кон еден човек. Таа е огледало на една поширока судбина на народ кој постојано се обидува да се ослободи од туѓите дефиниции за себе.

Секоја нова генерација овде е осудена повторно да бара одговори на истото прашање што Ивановски го постави пред речиси еден век: „Зошто ние, Македонците, сме одделна нација?“

Денес тоа прашање не се поставува во затворите на Идризово или во судските процеси во Софија, туку во европските сали, во образовните програми и во јавниот дискурс, каде што старите идеолошки матрици само го менуваат својот јазик. Сè додека не се погледне право во тие историски искривувања и во сопствената тишина што дозволила тие да траат, Северна Македонија и Бугарија ќе останат заробени во кругот на недовербата.

(Продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен