Аеродромите од поранешна Југославија опслужиле 36 милиони патници во 2024 година

Аеродромите во регионот на поранешна Југославија забележаа значителен раст во 2024 година, опслужувајќи вкупно 36 милиони патници, што претставува зголемување од 3,4 милиони во однос на претходната година. Девет аеродроми постигнаа рекорден број на патници, додека помалите аеродроми сè уште не го достигнале нивото од 2019 година, пред пандемијата, известува ExYuAviationNews.

Меѓу аеродромите кои ја забележаа најпрометната година досега се Белград, Загреб, Приштина, Сплит, Скопје, Дубровник, Сараево, Подгорица и Задар. Белградскиот аеродром остана најпрометен во регионот со 8,36 милиони патници, додека Приштина забележа најбрз раст, додавајќи 657.598 патници во однос на 2023 година. Во меѓувреме, Дубровник го престигна Скопје, додека Сараево ја надмина Подгорица.

Од друга страна, аеродромите како Тузла, Ниш и Охрид бележат пад на бројот на патници. Најголем губиток забележа Тузла, која загуби 374.894 патници поради затворањето на базата на Wizz Air.

Хрватска ја задржа водечката позиција меѓу авио-пазарите во поранешна Југославија, со над 13 милиони патници на своите аеродроми, што е зголемување од 1,8 милиони во споредба со претходната година. Растот главно го предводеа аеродромите во Задар, Дубровник и Сплит, благодарение на зголемениот интерес на туристите и дополнителните линии.

На полето на авио-компаниите, Ер Србија стана најголемиот превозник во регионот според капацитетот на седишта, престигнувајќи ја Wizz Air, која се соочи со значителен пад поради проблеми со моторите Pratt & Whitney. Овие проблеми доведоа до приземјување на дел од флотата и губење на повеќе од 1,2 милиони седишта во регионот.

Во меѓувреме, Ryanair забележа најбрз раст, зголемувајќи го капацитетот за 1,5 милиони седишта, со што се доближи до Wizz Air. За првпат, Pegasus Airlines влезе во првите десет најзначајни авио-компании во регионот, престигнувајќи го Eurowings.

Иако помалите аеродроми како Ниш, Тузла и Риека сè уште се под нивото од 2019 година, поголемите аеродроми во регионот продолжуваат со раст и проширување на мрежата на дестинации. Се очекува 2025 година да донесе нови предизвици, но и можности за натамошен развој на авијацијата во регионот на поранешна Југославија.

Зачлени се на нашиот е-билтен