Анксиозност, чувство на беспомошност и депресија кај младите како последица на загадена животна средина

Над 1.200 млади луѓе од сите осум плански региони учествуваа во акциско истражување кое покажува дека еколошката (не)правда кај младите во Македонија е длабоко поврзана со нивниот социо-економски и етнички идентитет, како и со местото на живеење. Анализата „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“ укажува дека младите кои живеат во Полошкиот регион, рурални средини, оние од ромската заедница и младите со попреченост, се несразмерно повеќе изложени на загадени средински услови – при што 90% од нив не знаат каде да пријават еколошки проблем.

Истовремено, иако 86% од младите изразиле загриженост за состојбата со животната средина, само 7,8% биле вклучени во каква било активност поврзана со неа. Најзагрижувачки е што дури 43% од младите од урбаните средини и 33% од младите од руралните средини често или понекогаш се изложени на загадување во местото каде што живеат. Речиси половина од испитаниците сведочат дека загадувањето негативно влијае врз нивното ментално и физичко здравје – појави како анксиозност, чувство на беспомошност и депресија се присутни особено кај младите жени и оние кои живеат во најзагадените општини.

Но истовремено, анализата покажува и дека младите се подготвени да дејствуваат. Според нив, клучот лежи во колективна акција, промена на ставови, развивање на зелени вештини и вистинско вклучување во процесите на одлучување. Голем дел од нив го поддржуваат формирањето на локални младински совети и изработка на стратегии кои ќе ги адресираат прашањата поврзани со животната средина. Целосниот документ е достапен на: zzz.org.mk

Проектот “ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина” е поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas, во партнерство со Center for Youth Activism KRIK (како носител), Center for Social Initiatives “Nadez” и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.

Во рамки на проектот изработена е и онлајн платформа www.zzz.org.mk, која им овозможува на граѓаните бесплатно да пријават проблем од сферата на животната средина до својата општина – лесно и директно, без административни бариери.

Зачлени се на нашиот е-билтен