Пресудата против новинарката Лиридона Вејсели за објавување на името на судијата Назиф Илјази предизвика бурни реакции во македонската јавност. Овој случај отвора сериозни прашања за слободата на изразување, транспарентноста на судството и потенцијалниот притисок врз медиумите преку контроверзно толкување на законите за заштита на личните податоци.
На 12 јануари 2026 година, Основниот суд во Гостивар, претставуван од судијката Магдалена Мишоска, донесе првостепена пресуда со која новинарката Лиридона Вејсели е прогласена за виновна за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Казната во износ од 700 евра (43.000 денари) е изречена бидејќи новинарката во свои објави на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок на 28 октомври 2024 година го открила идентитетот на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Постапката беше иницирана од Основното јавно обвинителство Тетово по поднесен предлог за издавање казнен налог. Судот образложи дека објавувањето на името и презимето на судијата, кој ја извршува функцијата повеќе од 37 години, било направено без негова согласност, со што му била нанесена штета на честа, угледот и професионалниот интегритет.
Одлуката на судот наиде на остар отпор кај професионалните организации кои ја толкуваат како директен напад врз слободата на медиумите.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) посочи дека името и презимето на судија, како што нагласуваат од ЗНМ, е јавен податок и неговото третирање како заштитена приватност во контекст на судска одлука е апсурдно. Ваквите пресуди испраќаат „негативна порака“ и можат да доведат до самоцензура кај новинарите кои известуваат за правосудниот систем во Македонија, истакнуваат од ЗНМ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели, за „злоупотреба на лични податоци“ во врска со објавување име и презиме на судија на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок.
Од АВМУ велат дека, ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи. Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана.
Сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи, се вели во реакцијата на ЗНМ.