Арсовски: Извештајот од Брисел е повик за будење

Извештајот на ЕУ е неумолив во својата административна прецизност – Северна Македонија е заглавена на патот кон ЕУ, реформите не ги спроведуваме, а за да се одблокира тој процес, потребно е да се направат уставните измени.

Вака ги толкува пораките од Брисел политичкиот аналитичар и комуниколог Петар Арсовски во изјава за Рацин.мк. Тој предупредува дека во периодот што следува наративот од Брисел ќе биде уште посилен.

„Во политичка смисла, тој ги разбива локалните илузии, дека нешто од пакетот може да смени, или дека топката е било каде освен во нашиот сопствен двор. Ова, иако не е неочекувано, сепак од суптилни пораки станува веќе отворен повик за будење. Мислам дека заедно со изјавите на официлјаните претставници од Брисел, треба да очекуваме ваков наратив и во периодот кој доаѓа, па дури и посилен“, оценува политичкиот аналитичар и комуниколог Петар Арсовски.

Комесарките најнепосредно задолжени за проширување и за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Марта Кос и Каја Калас, во јавните нстапи вчера многу јасно ги издвоија Црна Гора и Албанија во регионот, и Молдавија и Украина во југоисточна Европа како најсериозни кандидати за следното проширување.

Северна Македонија, до пред две години лидер во реформите и во напредокот на Западен Балкан, веќе и не се споменува на начин на кој бевме навикнати до пред две години, особено кога беше направен пробивот со Меѓувладина седница од преговарачкиот процес во јули 2022 година и со успешно завршениот скрининг во декември 2023 година.

Македонија сега е во групата во која се Србија и Босна и Херцеговина. Оценката на еврокомесарката за проширување Марта Кос за овие три земји рече дека не прават доволно за да одат напред. Конкретно за Македонија таа само повтори дека земјата не презела одлучувачки чекори за да ги спроведе уставните измени  и да ги продолжи преговорите за членство, истакнувајќи паралелно дека работи технички на Реформската агенда и дека е стопроцентно усогласена со надворешната политика на Унијата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен