Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бектеши – Касапоглу: Турски инвеститори заинтересирани за обновливи извори во Северна Македонија

Инвестициите, иновациите, технолошкиот развој, енергетиката и туризмот, беа само дел од темите на денешната 6. седница на Мешовитата комисија за економска соработка помеѓу Северна Македонија и Република Турција со која претседаваа министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за млади и спорт на Република Турција Мехмет Муарем Касапоглу.

Како што соопштија Бектеши и Касапоглу на заедничката прес-конференција по завршувањето на седницата, во рамки на Мешовитата комисија се потпишани Протокол за натамошно зајакнување на односите меѓу двете земји во повеќе сфери, како и Меморандум за разбирање со македонската Агенција за млади и спорт, како и со Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

Двете страни ги интензивираат и чекорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија.

-Во континуитет, според бројките, соработката се продлабочува и најверојатно така ќе продолжи. Турција е еден од најголемите инвеститори во земјава и убеден сум дека така ќе биде и понатаму, но нашата цел е да се подобрат договорите за слободна трговија. Во делот на индустријата има речиси целосно осолободување и очекуваме за кратко време да се зголеми соработката и во делот на земјоделството што е барање на бизнис секторот од двете страни – за нашите земјоделци да имаат поголем пазар, а и за да се зголеми конкурнентоста, пред се на суровините кои би дошле во земјава од Турција, истакна Бектеши.

Тој, како што рече, очекува соработка и во енергетиката.

-Има голем интерес од турски компании да инвестираат во обновливи извори. Ќе разговараме за снабдување со природен гас за да се диверзифицираат изборите на снабдување и да ја зголемиме независноста во делот на енергетиката, а тоа може да се прошири и на Косово, како и во Јужна Србија и генерално во Западен Балкан, подвлече Бектеши.

Според министерот Касапоглу, има интерес од страна на турски инвестиции за вложувања во обновливи извори на енергија во Северна Македонија.

-Северна Македонија ја сметаме за значаен партнер во инвестициите. Турските инвестиции во Северна Македонија досега надминаа 1,2 милијарда долари. Но, имаме нови чекори тука, посебно во обновливите извори на енергија. Подготвени сме и ние, но и Северна Македонија, рече турскиот министер.

Според него, енергетиката, индустријата, културата, туризмот и трговијата биле опфатени на денешната средба која дала нов инпут во соработката.

Како што посочи Касапоглу, лани трговската размена меѓу двете земји достигнала близу една милијарда долари, а Турција реализирала извоз од 700 милиони долари во Северна Македонија.

По седницата на Мешовитата комисија, во текот на денот, како што беше најавено на прес-конференцијата, предвидени се турско-македонски деловни средби со бизнисмени и инвеститори.

Зачлени се на нашиот е-билтен