Бугарија ја обвини Северна Македонија дека го кочи Коридорот VIII

Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија соопшти дека веќе три месеци чека одговор од Владата на Република Северна Македонија за предлогот за потпишување меѓувладин договор за изградба на железнички тунел како дел од Коридорот VIII.

Според бугарското Министерство, на 15 јануари годинава официјално бил испратен предлог-договор за изградба на прекугранично железничко тунелско поврзување меѓу двете земји, што ќе биде дел од инфраструктурата на стратешкиот транспортен Коридор VIII.

„Ова е единственото отворено прашање меѓу двете држави во областа на железничкиот транспорт. Но, тоа нема само билатерална важност, туку претставува и клучен елемент во архитектурата на колективната безбедност на НАТО и поврзаноста меѓу земјите-членки на ЕУ“, стои во соопштението.

Бугарија, како што наведуваат од Министерството, е подготвена веднаш да го потпише договорот и да започне со реализација на проектот, но од македонска страна досега не е добиен одговор. Се додава дека има барања за средби без конкретна агенда, што според Софија го одложува проектот.

„Неподготвеноста на Скопје да ги соопшти своите забелешки или да го потврди договорот во предложената форма ја загрозува навремената изградба на овој важен инфраструктурен проект“, се наведува во позицијата на бугарското Министерство.

Од таму исто така истакнуваат дека Бугарија ќе продолжи самостојно да ги развива и модернизира делниците од Коридорот VIII на своја територија, за што досега се вложени над 4 милијарди лева.

„Го мобилизираме вниманието на нашите партнери од НАТО и ЕУ околу овој проблем. Неопходно е Коридорот VIII да биде приоритет за целиот регион“, се вели во соопштението.

Коридорот VIII е еден од европските транспортни коридори што треба да ги поврзе Јадранското со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија.

Зачлени се на нашиот е-билтен