Бугарската техничка влада испрати нацрт-договор до македонската влада за подготовка, изградба и управување со прекуграничен железнички тунел кој ќе ги поврзува двете земји. Овој договор има за цел да дефинира конкретни обврски на двете влади за имплементација на клучниот проект од Коридорот 8.
Со потпишувањето на договорот, подготвен од бугарското Министерство за транспорт и врски, ќе се регулираат техничките, финансиските, правните и организациските аспекти на изградбата на тунелот, што треба да биде во согласност со европското и националното законодавство на двете држави.
Во нацрт-договорот се предвидува дека ќе се дефинираат одговорностите на страните за изградба на тунелот, јавните набавки и надзорот на градбата. Директорите на железниците на Бугарија и Македонија ќе формираат заеднички работни групи за подготовка на документацијата потребна за тендерските процедури.
Планирано е дека во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот, Бугарија и Македонија ќе подготват и достават до Европската комисија и финансиските институции заеднички распоред за реализација на изградбата. Двете земји ќе вложат максимални напори да обезбедат грант-помош за изградбата на тунелот и неговата железничка инфраструктура, во согласност со стандардите на ЕУ и НАТО.
Бугарија е подготвена да ги започне преговорите со Македонија за предложените текстови и наскоро да го потпише договорот.