Зошто проширувањето отсекогаш било геополитичко — и како ЕУ денес се обидува да ја редефинира самата форма на членството, преку диференцирана интеграција, асоцијативно членство и нови модели на институционална трансформација.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Соработникот на Рацин.мк Андреја Стојковски, извршен директот на Институтот Преспа, се изсврнува на писмото за следното проширување на ЕУ, што канцеларот Фридрих Мерц го упати до претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, до претседателот на Советот на Европската Унија Никос Христодулидес и до претседателката на Ебропската Комисија Урсула фон дер Лајен.
Во продолжение е анализата на Стојковски за визијата на Мерц која се однесува на повеќе аспекти на проширувањето на ЕУ, вклучувајќи ги и географските.
Неодамнешниот предлог на германскиот канцелар Фридрих Мерц за проширувањето на Европската Унија не ја менува геополитичката природа на проширувањето, туку отворено ја признава променетата геополитичка средина во која проширувањето денес функционира.
Проширувањето на ЕУ отсекогаш било геополитичко. Проширувањата од 90-тите години и почетокот на 2000-тите имаа за цел стабилизација на Европа во периодот по Студената војна, целосно поврзување на Средна и Источна Европа во Евроатлантската заедница и спречување на создавање стратешки вакууми на континентот. Денес целта на проширувањето не е променета, туку перцепцијата на ЕУ за стратешкиот ризик, институционалниот капацитет и глобалната конкуренција.
Предлогот на Мерц се обидува да помири две реалности:
- геополитичката неопходност од интеграција на Украина, Западниот Балкан и Молдавија;
- и растечката воздржаност кон брзо и целосно институционално проширување во делови од ЕУ.
Оттука, предлогот воведува диференцирани форми на интеграција.
За Украина, концептот на „асоцијативно членство“ би опфатил учество во институциите на ЕУ без право на глас, постепен пристап до буџетот и европското законодавство, како и подлабока институционална интеграција додека формалниот пристапен процес продолжува. Ова ја одразува стратешката итност поврзана со позицијата на Украина во европската безбедносна архитектура.
За Западниот Балкан, предложениот статус на „привилегиран набљудувач“ изгледа поограничен. Тој би вклучувал поголемо учество во дискусиите кои се однесуваат на регионот, постепен пристап до Внатрешниот пазар и засилена институционална интеграција поврзана со напредокот во реформите. Молдова, барем според досегашните информации, се наоѓа некаде помеѓу овие два модели.
Оваа разлика е политички чувствителна. Самата терминологија укажува на различни геополитички приоритети и различни брзини на интеграција. За Западниот Балкан постои легитимна загриженост дека проширувањето од типот „сè освен името“ постепено може да стане замена за полноправното членство, наместо мост кон него.
Истовремено, важно е да се признае дека многу елементи од овој модел веќе постојат:
- учество во програмите на ЕУ,
- постепена интеграција во Внатрешниот пазар,
- енергетска и транспортна интеграција,
- усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика,
- механизмите од Планот за раст,
- и сè подлабока безбедносна соработка.
Во суштина, ЕУ сè повеќе гради функционална интеграција пред формалното пристапување.
За Северна Македонија, оваа дебата е особено важна. Државата веќе презеде тешки политички компромиси и реформи со претпоставка дека членството останува крајната стратешка цел. Затоа, Скопје треба да избегне ги избегне двете, емотивното отфрлање и пасивното прифаќање на ваквите предлози.
Наместо тоа, Владата треба да следи три стратешки цели:
Прво, постепената интеграција да се поддржува само доколку е јасно поврзана со неповратно пристапување до полноправно членство.
Второ, секој модел на диференцирана интеграција мора да содржи конкретни институционални, финансиски и политички придобивки за државите кандидати.
Трето, Северна Македонија треба активно да работи со државите членки и партнерите од регионот за да се спречи создавање на траен втор круг во рамки на обединета Европа.
Во исто време, политичката и правната имплементација на ваквите предлози би била исклучително комплексна. Секое суштинско учество на држави кои не се членки во институциите на ЕУ, пристап до буџетски механизми или постепена интеграција во процесите на одлучување, на крајот бара договорна и правна основа. Без измена на Договорите на ЕУ, ваквите модели ризикуваат да останат политички симболични, наместо институционално одржливи.
Токму затоа, проширувањето и реформата на ЕУ повеќе не можат да се третираат како одвоени дебати. Вистинското стратешко прашање е дали државите кандидати треба само да чекаат Унијата да се реформира, или уште од самиот почеток да станат дел од тој процес на трансформација.
Еден можен пат напред е паралелен процес: пристапните преговори и реформата на Договорите да се развиваат истовремено. Во практична смисла, тоа би можело да добие форма на нова генерација Пристапни договори — договори кои не само што би го регулирале влезот во Унијата, туку би ги менувале и дополнувале Основачките договори со цел подготовка на институционалната архитектура на една поголема и геополитички посложена Европа.
Таквиот пристап би овозможил државите кандидати постепено политички, економски, институционално и стратешки да се интегрираат во Унијата, а истовремено да се вградат и заштитните механизми кои сè повеќе ги бараат државите членки. Транзициски периоди, фазно учество, асоцијативни статуси, безбедносни клаузули, институционална условеност или постепено стекнување на право на глас — сето тоа би можело да стане политички договорен и правно регулиран дел од самиот пристапен процес.
Во таа смисла, моделот „сè освен името – проширување“ може да функционира како привремен и транзициски модел — но само доколку процесот остане политички регулиран, правно гарантиран, заснован на успех и јасно насочен кон полноправно членство како конечна цел.
Ваквиот пристап можеби би барал подолг временски период. Но, истовремено, би можел да го обезбеди токму оној политички баланс што денес недостасува. Граѓаните во државите кандидати би продолжиле да ги поддржуваат тешките реформи бидејќи процесот завршува со еднаквост и членство. Во исто време, граѓаните во ЕУ би добиле поголема доверба дека постепената интеграција вклучува институционални гаранции, правна предвидливост и доказ дека проширувањето може ефективно да функционира пред формалното членство.
Вистинската дебата денес повеќе не е дали проширувањето е геополитичко. Тоа отсекогаш било. Прашањето е дали Европската Унија е подготвена да ја редефинира формата на членството во новата геополитичка ера.
