Во текот на денешниот „Марш за ангелите“, што го организираа семејствата на загинатите млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, дел од родителите и блиските на жртвите влегоа во зградата на Јавното обвинителство за да се сретнат со јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Состанокот се одржува по иницијатива на роднините, кои бараат директни информации за текот на истрагата и инсистираат на брза, транспарентна и правична постапка. Тие уште еднаш ја потенцираа потребата од вистинска институционална одговорност, а не само формални реакции.
Протестниот марш започна точно во 12:05 часот пред Обвинителството – симболично време што го претставува чувството на задоцнета и недоволна реакција од институциите – и ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“, за на крај да заврши пред Собранието на Република Северна Македонија.
Родителите порачаа дека нивната борба нема да престане сè додека не добијат јасни одговори и вистинска правда за загубата на нивните деца.