Верниците и црквата денес го одбележуваат Велики петок, денот кога е распнат Исус Христос. Велики петок се смета за најтежниот ден во христијанството кога се оплакува страдањето на Исус Христос, неговото распнување на чесниот крст и неговата смрт за спасување на светот.
Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со света литургија се празнува со читање извадоци од евангелијата од деловите кои ја опишуваат неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во “шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале”.
Одлуката за погубувањето на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го предал на народот, кој пак го осудил на смрт. Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
Разбеснетиот еврејски народ кој го барал христовото распнување и смрт извикувал: “Крвта негова на нас и на нашите деца”.
Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде што е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”.
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.
Прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода.