Обилните врнежи и поплавите кон крајот на ноември сериозно ја нарушија жетвата на оризот во кочанскиот регион. Оризопроизводителот Борче Ангелов од селото Спанчево, во Општина Чешиново-Облешево, сè уште нема завршено со жетвата на површините што ги обработува, од вкупно шест хектари, еден хектар останал необран.
Како што посочуваат производителите, покрај временските услови, дополнителен проблем претставува и задоцнетата сеидба на дел од нивите, што резултира со значително пролонгирање на жетвата и зголемени штети.
Во моментов, откупната цена на оризовата арпа се движи од 18 до 22 денари за килограм, но според оризопроизводителите таа цена не ги покрива ниту основните производствени трошоци. Поради тоа, тие бараат средба со надлежниот министер со цел да се направи нова калкулација и да се утврди пореална производна цена.
Неповолните временски услови годинава генерално не им беа наклонети на оризопроизводителите во Кочанско. Се очекува жетвата на последните засеани површини да заврши до крајот на годината. Во овој регион ориз се одгледува на околу 4.000 хектари земјоделска површина.
Извор: N1info.rs