Претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Ковачевски, вицепремиерите Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, и други министри во владата упатија честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април.
Претседателот Пендаровски во својата честитка истакнува дека ромската заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик на нашето општество и потребно е заеднички да продолжиме да ги следиме европските вредности за еднаквост и за почитување на фундаменталните права на сите граѓани подеднакво.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, во свое име и во име не пратениците, со честитките по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, посочува дека Ромите со нивниот придонес и активност се важен чинител во остварувањето на определбата на Република Северна Македонија за полноправно членство во европското семејство, со креирање на општество втемелено на идентични вредности како на Европската унија.
На вредностите на ЕУ во вклучувањето на сите етнички заедници во општеството се повикува и премиерот Ковачевски кој во својата честитка уште нагласува дека Северна Македонија, како идна членка на ЕУ гради општество еднакво и кохезивно во чии темели се довербата и меѓусебната соработка. Ковачевски уште вели дека „имаме уште многу работа, но растот и развојот на секое општество, инклузијата, почитувањата на еднаквоста немаат граница и секогаш треба да се стремиме уште повеќе да се вложуваме за да бидеме подобри“.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи задолжен за координација со економските ресори во својата честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите истакнува дека секој празник, секој меѓународен ден посветен на било која етничка заедница којашто живее во Северна Македонијa, е наш заеднички празник.
И оваа година, порачува Битиќи, Светскиот ден на Ромите Северна Македонија го одбележуваме во знак на континуитетот на политиките кои обезбедуваат суштинско унапредување условите за прогрес на нашите сограѓани од оваа заедница.
„Мојата определба“, потенцира вицепремиерот Битиќи, „за издигање на политиките за инвестирањето во развојот на ромската заедница во преден план тргнува од потребата инклузијата на Ромите да донесе долгорочни придобивки во поглед на подобрувањето на социјалната кохезија и економскиот статус на Ромите“.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го честита 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите, укажувајќи дека во партнерство и искрена соработка продолжуваме да градиме „едно општество за сите“ за да ја подобруваме положбата на Ромите.
Маричиќ повикува сите „работејќи заеднички да го отклучиме големиот потенцијал на Ромите во корист на целото општество“ и да се направи суштинска интеграција на Ромите во сите општествени сфери што е особено важно за напредокот на Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ во поглавјата социјална политика и вработување, правда и основни права и правда, слобода и безбедност.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во својата честитка потенцира дека денеска одбележуваме празник што без никаков сомнеж навистина ги заслужува почитта и искреното уважување од сите нас, од сите наши граѓани. Најголемото богатство на една земја се нејзините луѓе, вели Спасовски во својата честитка, и дополнува дека Република Северна Македонија во тој поглед има исклучително голема предност, имајќи ја предвид нејзината мултиетничност и мултиконфесионалност, коишто како единство на различности, уште повеќе го афирмираат и унапредуваат нејзиниот граѓански карактер. Во тој колорит Ромската заедница, нашите сограѓани Роми, се суштествен дел кој го прави нашиот граѓански мозаик целосен, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во својата честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите.