Мицкоски може да продолжи да го „слуша“ народот и да владее бесконечно долго, или да почне да го „води“ на пристојно место за живеење. Некогаш за лидерот нема алтернатива: или „напред“ другари, или „по мене“!
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Гласањето во Европскиот парламент со кое беа избришани термините „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Северна Македонија не е само симболичен неуспех. Тоа е политичка порака со далекусежни последици.
Додека за некои европратеници ова можеби е прашање на формулации, за Македонија тоа е прашање на постоење. Кога 461 пратеник одлучува дека нашиот јазик и нашиот идентитет се спорни или непотребни за спомнување, тие ја хранат недовербата, евроскептицизмот и национализмот што веќе растат во македонското општество.
Ова гласање е најсилниот адут во рацете на Владата на Мицкоски да продолжи да ја блокира промената на Уставот. И можеби со право – како да ги убедите македонските граѓани дека Европа е искрена кога таа сама покажува дека македонскиот идентитет може да биде избришан со едноставен амандман?
Ваквите понижувања го поттикнуваат националистичкиот вокабулар, го ослабуваат проевропскиот ентузијазам и носат нова внатрешна криза. Во ваков амбиент, сè повеќе Македонци се приморани да бараат излез преку бугарски пасоши, не од љубов кон Бугарија, туку од очај и економска безизлезност. Македонија ризикува да остане сама, затворена, фрагментирана и деморализирана. Ова не е само моментна политичка штета, ова е чекор кон нешто што личи на имплозија.
Но во оваа тешка и неправедна ситуација, одговорноста сега е на премиерот Мицкоски. Тој може да остане непопустлив и да застане на браникот на гордоста и да ја внесе државата во изолација со сите последици од тоа. Или може да покаже државничка храброст и да преземе тежок, но нужнен чекор кој ќе ја остави Македонија на европскиот пат – со сите политички, лични и историски последици што тоа ги носи.
Изборот не е лесен. Но е неизбежен. Мицкоски може да продолжи да го „слуша“ народот и да владее бесконечно долго, или да почне да го „води“ на пристојно место за живеење. Некогаш за лидерот нема алтернатива: или „напред“ другари, или „по мене“!
Зашто фактите се јасни: сè додека Македонија останува надвор од европските институции, таа ќе биде предмет, а не учесник. Ќе биде „разговарана“ и редефинирана од други, од тие што се таму, што се внатре, што имаат право на глас. Во Европа, само присутните имаат моќ да се бранат, но и да обвинуваат кога треба.
Можеби сега е моментот, по цена која боли, Македонија конечно да седне на таа маса.