ЕСМ повторно ќе се задолжи 30 милиони евра за да ги покрие загубите

Државната енергетска компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) договори ново задолжување од 30 милиони евра кај домашна банка со каматна стапка од околу 3,5 отсто, а парите ќе се трошат за тековна ликвидност. Како што информираа од ЕСМ, минатата година ја завршиле во загуба од 123 милиони евра. Лани компанијата се задолжи со кредит од 82 милиони евра на домашен пазар и овие пари се речиси целосно искористени за ликвидност со која ЕСМ долго време се бори. Инаку, за ваквата состојба, како што велат од компанијата, е виновна претходната власт, која ги уништила производствените капацитети и довела до драстично високата производствена цена на електричната енергија. Но, и покрај ваквата лоша финансиска состојба, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, планира да ја намали загубата до крајот на годинава и да ја заврши на позитивна нула.

– Се работи за една банка од каде што ќе биде подигнат кредитот и би било некоректно да кажеме нешто пред да биде потпишан договорот. Парите ќе бидат искористени за потребите и за обврските на компанијата кон добавувачите. Тоа што е договорено и што очекувам НРСХ плус 1,5 отсто е подобро од субвенционираниот кредит што го зедовме тогаш – рече Узунчев.
Ваквата финансиска состојба нема да има влијанија врз цената на струјата за домаќинствата, велат од ЕСМ. Додаваат дека на тендерот на „ЕВН“ за следните шест месеци нема да понудат повисока цена од актуелната која изнесува 62 евра за мегават-час. Во првиот квартал трошокот за производство изнесувал 98 евра за истото количество. Производство во првиот квартал е пониско за 35 отсто од планот на компанијата, но Узунчев смета дека до крајот на годината состојбата ќе се подобри и ЕСМ ќе произведе вишок кој ќе може да го продава по пазарни цени и ќе оствари добивка.

Узунчев вели дека хидропотенцијалот во моментов е на ниво од 48 отсто, а лани во септември, кога сегашниот менаџмент го презеде управувањето, изнесувало само девет отсто. Намерата на компанијата е до октомври хидропроизводството да изнесува 50 отсто и на тој начин да се остварат заштеди. Цената на мегават час електрична енергија произведена во хидроелектраните се движи меѓу 22 и 27 евра за мегават-час.
Во однос на случајот со штетниот договор за закуп на гас од Александрополис, од ЕСМ велат дека се поднесени кривични пријави до финансиската полиција против лицата кои биле дел од претходните два управни и надзорни одбори на компанијата, како и против високи функционери во поранешната влада, вклучително и претседавачот на Комисијата за економски систем за серија одлуки поврзани со закупувањето на капацитетите во гасниот терминал Александруполис, Грција.

Од ЕСМ информираат дека тие како компанија месечно за овој закуп на капацитет за гас кој не можел да се употребува плаќаат преку 250 илјади евра.

Од претходната влада која го потпиша договорот за Александрополус објаснуваат дека во иднина ќе овозможи снабдување со гас од повеќе извори. Во овој проект беа вклучени и Србија и Бугарија.

Зачлени се на нашиот е-билтен