Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕСМ тоне во долгови – За три месеци потрошила 48 милиони евра за набавка на струја

Во последните три месеци, ЕСМ потроши речиси 48 милиони евра за набавка на струја, за да обезбеди непречено снабдување за граѓаните на Македонија. Домашните капацитети, кои или се во ремонт или работат со прекини, покриваат околу две третини од вкупната побарувачка, додека остатокот се обезбедува преку набавки.

Во моментов, ЕСМ располага со делумно функционален РЕК Битола, кој работи со два блока, додека хидроцентралите и ветерниот парк во Богданци обезбедуваат дополнителна енергија. Според последните податоци, ЕСМ произведе 12.793 мегават часови струја, но точната потрошувачка не е позната бидејќи податоците на МЕПСО не се ажурирани.

Производната цена на струјата за ЕСМ варира, но во просек изнесува 118 евра за мегават час. Сепак, продажната цена кон универзалниот снабдувач е значително пониска, околу 62 евра за мегават час, што значи загуба од 56 евра по произведен мегават час.

Според податоците на ЕСМ за ноември, декември и јануари, државната компанија потрошила вкупно 47.77 милиони евра за купување 328.310 мегават часови струја. Новата година ЕСМ ја започна со набавка од 74.400 мегават часови за 11.66 милиони евра, а 2024 година ја заврши со рекордна набавка од 148.310 мегават часови за 19.95 милиони евра.

Во ноември минатата година, ЕСМ купи 105.600 мегават часови струја за 16.16 милиони евра. За илустрација, сумата потрошена за набавка на струја претставува повеќе од половина од долгот што државната компанија го има кон домашните банки.

ЕСМ исто така пријави загуба од 22.6 милиони евра во третиот квартал на 2024 година, што ја стави на врвот на листата на најголеми загубари според Министерството за финансии. Откако беше донесена одлука да не се обезбедува државна помош или субвенции, компанијата се задолжи со 82 милиони евра од домашни банки и се разгледува можноста за дополнителен кредит.

Зачлени се на нашиот е-билтен