Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Есмеров: Про-ЕУ структурите се надвор од раководните тела на ВМРО-ДПМНЕ што ги носат одлуките

Поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров, вели дека не разбира кој е вистинскиот став на партијата околу уставните измени, бидејќи во деновите по лидерската средба се слушнаа изјави спротивни од оние кои произлегоа од средбата на Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.

Во разговор за „Локално“ тој вели дека про-ЕУ структурите се надвор од раководните тела што ги носат одлуките. за состојбите во најголемата опозициска партија.

„Моментално не постојат ниту фракции, ниту крила во партијата. Тие што условно кажано се про-ЕУ се надвор од партиските структури и не учествуваат во донесувањето на одлуките, така што целата одговорност за одлуките лежи во партиските структури кои ја водат партијата“, вели Есмеров.

Тој нагласува дека во оваа ситуација се работи за стратешки интерес на Македонија за отпочнување на преговори со ЕУ и многу е важно овој процес да започне истовремено, во пакет со Албанија.

„Доколку овие промени на уставот не се случат до септември оваа година, Македонија ќе го пропушти и овој воз и ќе биде префрлена на друг, многу понеизвесен колосек, но поучени од минатите искуства, можно е и во самата ЕУ да се намали интересот за проширување“, вели поранешниот амбасадор.

Есмеров не го разбира ставот за одложено дејство на уставните измени на лидерот на опозицијата, ниту разбира што би се постигнало со тоа.

„Повеќе мислам дека се работи за обид за ретерирање од првично искажаните ставови по лидерската средба. Ако имате предвид дека Бугарија во кој било дел од преговарачкиот процес може да стави вето, ако имате предвид дека Бугарија е членка на ЕУ и ако ја имате предвид солидарноста на ЕУ во рамките на унијата, тогаш е сосема ирелевантно одложеното дејство на уставните измени“, вели Есмеров и додава дека не би го коментирал ставот на САД и Европската унија, но поучени од минатите искуства, подобро би било да ги послушаме нивните совети.

Есмеров не гледа проблем во тоа што Мицкоски во последниов период е на релација со Будимпешта, како и негови сопартијци, за партијата на Виктор Орбан, Фидес, да им помага во изработка на идната партиска програма затоа што од владејачката унгарска партија можело многу да се научи „за начинот на водење на државата и управување со ресурсите“.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново