Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска ќе соопшти конкретен предлог за лидерска средба. Тој вчера најави дека ќе излезе со деталји за што би се разговарало на лидерската средба, додека од ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со став дека нема потреба од нова лидерска средба која ја гледаат како обид на претседателот на СДСМ да го крене сопствениот рејтинг.
За денеска во 11 часот е закажана седница на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава Филипче, а на дневен ред е Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027).
Филипче во саботата во изјава за медиумите дадена во Охрид рече дека партијата е подготвена да работи заеднички со останатите чинители за доброто и напредокот на државата и дека мора да се откочи евроинтегративниот процес за да може младите да останат во државата и да се работи на унапредување во многу области за да се подобри животот на граѓаните.
– Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, заеднички да работиме на унапредување во многу сфери што ќе го направи животот и подобар и поквалитетен, рече лидерот на СДСМ.
Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција во седиштето на партијата рече дека нема потреба од нова лидерска средба затоа што таква имало пред еден мнесец. Според него Венко Филипче ги користи приликите за лидерска средба за да си го крева рејтингот.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители во Охрид повика на единство, порачувајќи дека „не сме премногу да се двоиме и не сме пресилни за да се разединуваме“.
Заменик – претседателот за добро владеење Арбен Фетаи кој е дел од коалицијата „Влен“, вчера на прес-конференција рече дека немаат добиено покана за лидерска, но ако добијат, ќе ја разгледаат.
– Средбите на лидерско ниво се традиција во нашата земја. Албанските партии се состануваат на ниво на лидери кои соработуваат едни со други. Истото го прават и македонските партии. Ќе видиме, рече Фетаи.

Филипче и Мицкоски имаат средба минатиот месец кога се договорија да се формираат работни групи кои ќе работат на усвојување на реформската агенда и законите во делот на правосудството, енергетиката и здравството.