„Еди Рама за ВМРО-ДПМНЕ е академик во политиката. Земете го неговиот став ‘ќе направиме сѐ, да седнеме рамноправно на масата на ЕУ’“.
Ова го рече поранешниот амбасадор во ОН и универзитетски професор Љубомир Фрчкоски во емисијата „Во центар со Васко Ефтов“.
„Тоа е политика која Мицкоски треба да ја сподели исто така заедно со сите политичари во Македонија. Да направиме сѐ за да седнеме на рамноправна маса на политика на ЕУ. Таа политика ја дава внатрешната стабилност, таа политика создава пари за нас, бидејќи секое поглавје од процесот на ЕУ интеграција е 800 до милијарда евра грант во проекти. Не кредити, грант. Не разбирам како овој човек може од уста да им земе на Македонците толку пари и тоа да го пројде онака“, истакна Фрчкоски во интервјуто
Затоа, вели тој, оваа е најнеспособната влада на свет.
„Затоа што нормална влада би направила агенција при Владата која би правела само проекти и која би се финансирала од самите проекти, значи не од буџет, проекти. Тоа би биле експерти од 15 области од земјоделство до култура и тие би ги правеле проектите со кои ќе се влечат пари од ЕУ во рамките на реформските процеси“, рече поранешниот амбасадор во ОН и универзитетски професор Љубомир Фрчкоски во емисијата „Во центар со Васко Ефтов“.

