На собирот во Кочани граѓаните револтирано реагираа против Министерството за внатрешни работи, истакнувајќи дека е срамота да се закануваат кон граѓаните на Кочани кои протестираат поради трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе.
Еден од луѓето на плоштадот рече дека бил повикан во полициска станица, каде што бил посочен како главен организатор на протестите и насилството.
„Полициски офицер ме покажува дека јас ги поттикнувам младите за насилство во овој град. Сите ме знаат, кој сум и што сум. Полициски офицер дрско и безобразно ме покажува на снимки и прашува дали јас сум тој што ги поттикнува младите на насилство“ вели Стојан Рашков.
Тој се обрати до министерот Тошковски истакнувајќи дека е срамота и најави дека ќе отиде во внатрешна контрола на МВР за да го пријави случајот, за цела македонска јавност да знае какви полициски службеници има државата.
„Тие се платени од парите на граѓаните и треба да работат во интерес на граѓаните, а не да измислуваат кривични пријави и кривични настани“ рече тој.