Граѓаните во Кочани прашуваат: „Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца?“

Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца, кои се убиени, ви даде право да ослободите лица кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца, прашаа родителите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред почетокот на денешниот трет протестен марш „Задоцнета реакција“ што се одржа во Кочани.

Точно во 12 часот и 5 минути учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар и кон општинската зграда, а оттаму кон Полициската станица, Судот и Обвинителството во Кочани.

– Нѐ прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома, вели Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.

Потоа мајките, татковците и роднините на настраданите еден по еден кажаа по неколку збора за најблиските што ги загубиле:

  • „Знаете што е ова, ова е ДиЏејот што загина во „Пулс“, кажете си мајки“, рече една од присутните.
  • „Ова е фудбалерот“.
  • „Ова е идниот инспектор што не дочека да биде“.
  • „Ова е идниот моден дизајнер“.
  • „Ова е програмерот што работеше во Асеко“.
  • „Ова е берберот што чесно со го заработуваше лепчето, што остана без татко пред две години. Детето беше хумано и вадеше и помагаше“.
  • „Ова е детето што се обидуваше да го изгаси пожарот“.
  • „Ова е дипломиран инспектор по криминалистика што сакаше чесно да работи и да ги заштити сите деца на целиот свет и сите луѓе со човечки души“.
  • „Ова е Стефанија Соколова која што студираше и имаше цел во животот да биде доктор, да помага, во нејзината хумана мисија учествуваше во голем дел од проекти во Црвен Крст за да помага на луѓето“.
  • „Ова е Ивон Величков, келнер, кој сите го сакаа и го почитуваа“.
  • „Ова е Драгана која што требаше да учи медицина“.
  • „Ова е срцето мое што не успеа да си ги исполни соништата“.
  • „Ова е таткото, синот што не може да си го запознае, што има ќеркичка и го бара секој ден“.
  • „Ова е фудбалерот Андреј Лазаров што го знае цел свет“, говореа членовите на семејствата.

Тие прашаа зошто овие деца да ја платат цената на луѓе кои што биле алчни и корумпирани.

Јулијана Златкова рече дека протестите ќе продолжат се додека не биде задоволена правдата.

– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, рече Златкова.

Пред општинската зграда родителите порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспекциски служби, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски им даде целосна поддршка истакнувајќи дека нема да бидат осамени во барањето правда, затоа што, како што рече, сите заеднички треба да го променат системот што е нефункционален.

На собирот пред Полициската станица семејствата на настраданите прашаа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.

Според присутните на маршот, рацијата била предвреме најавена, а полицајците кои биле присутни пред дискотеката не помогнале во спасувањето на повредените.

Тагата и револтот, родителите на загинатите во трагичниот пожар ги искажаа и пред Судот и Обвинителството, секој одделно споменувајќи го името на своето дете и плановите што ги имале за во иднина.

Протестниот марш заврши во Паркот на револуцијата, а присутните најавија дека ќе се одржува секоја сабота сѐ додека не ја добијат бараната правда за своите најблиски.

Извори: МИА и Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен