Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грковска: Етичкиот кодекс на функционерите е темелна обврска во демокртските општества

Лице кое што би било задолжено за следење на етичкиот кодекс и лице задолжено на креирање на политики за добро управување е препорака да се има во секоја институција, смета вицепремиерката Славица Грковска.

Според неа, тоа не треба да биде одговорност и обврска само на едно лице, туку свесноста во институциите за важноста на креирање на политики за добро владеење и однесување, согласно етичкиот кодекс е базична обврска во развиени демократски општества.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со случаите што ги објави Државната комисија за спречување на корупција за вицепремиерот Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, таа одговори дека, за овие два предмета сѐ уште немаат добиено материјали од страна на ДКСК, меѓутоа, како што рече, „уште еднаш ќе кажам дека моите ингеренции се однесуваат само од областа на почитување на етичкиот кодекс, кривична и секаква друга одговорност е во рацете на другите органи“.

– На Артан Груби му изрековме опомена, изрековме опомена за министерот Бујар Османи, за министерот Насер Нуредин, исто така. Според етичкиот кодекс, тоа е првиот чекор, бидејќи тоа е кодекс, не е закон, нема прекршочни одредби, туку е некоја морална опомена и укажување, да се има предвид дека такви однесувања се недозволиви согласно етичкиот кодекс и јавниот функционер за кој што е изречена опомена не смее да го повтори делото, доколку го повтори, тогаш јас имам обврска да го информирам премиерот дека нема корекција во однесувањето на јавниот функционер и тогаш е во рацете на премиерот за какво прашање на одговорност ќе се одлучи, се разбира, во рамките на етичкиот кодекс, рече таа.

Во врска со прашањето за пратениците кои имаат станови во Скопје, а користат патни трошоци, таа рече „за жал немаме ингеренции затоа што Парламентот е законодавна власт која што е независна од извршната власт“.

– Кога станува збор за патните трошоци, нема посебен закон за пратениците. Тоа е еден ист закон за избрани и именувани функционери и исти се правилата за сите. Со тоа што пратениците се најочигледна јавност. Дали има изигрување и на каков начин тоа се прави, јас од овој аспект и оваа позиција не би можела да кажам, затоа што ги немам деталите, меѓутоа, парламентот треба да реагира и да смогне сили ваквите злоупотреби, доколку ги има, да ги сведе на минимум, или воопшто да не постојат, и да најде начин како да ги санкционира оние кои што се неодговорни, рече вицепремиерката.

Според неа, инсистирањето за транспарентноста во институциите, треба да се аплицира и кај пратениците.

– Исто како што на ваков начин зборуваме за транспарентност и едуцирање на политики со кои што инсистираме на зголемување на транспарентност на институциите, на тој начин даваме можност за позитивен притисок на институциите да бидат поодговрни спрема граѓаните, исто би требало да важи и за пратениците, рече таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен