Во делот за недискриминација, во извештајот на Европската Унија за напредокот на Северна Македонија, се нотира дека правната и институционалната рамка сè уште не е целосно усогласена со европското право.
Извештајот нагласува дека земјата го одложува усогласувањето на принципите на недискриминација во сите релевантни закони.
Посебна загриженост е изразена поради последните измени на Законот за основно и средно образование и Законот за учебници, кои – донесени по скратена постапка и без консултации со засегнатите страни – отстранија и содржини поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и родовата еднаквост.
Од Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА укажуваат дека како граѓански организации, реагирале на овие измени и потсетуваат дека остануваат посветени на европските вредности, човековите права и еднаквоста за сите.
Во делот за родова еднаквост и борба против родово базираното насилство, ЕУ нотира дека правната и институционалната рамка е сè уште нецелосна, а механизмите за спроведување и заштита треба значително да се подобрат.
Во Извештајот се наведува дека нема значителен напредок во националните политики за интеграција на родовата еднаквост, ниту во усогласувањето со европското законодавство и меѓународните стандарди.
Спроведувањето на Националната стратегија за родова еднаквост (2022–2027) и нејзиниот акционен план остануваат недоволни.
ЕУ забележува дека говорот на омраза базиран на род, вклучително и закани кон бранителките на човековите права, останува широко распространет, особено на социјалните мрежи.
Дополнително, промените во некои општински политики – од „родова еднаквост“ кон „еднаквост меѓу мажи и жени“ – ја поткопуваат суштината на родовата еднаквост.
Во делот за граѓанското општество, ЕУ нотира дека, иако организациите генерално функционираат во сè уште поволна средина, просторот за граѓанско делување се стеснува.
Како клучен приоритет се наведува потребата од транспарентност во државното финансирање и јасна институционална рамка за соработка со граѓанскиот сектор.
Од сето ова неизбежен е заклучокот дека ЕУ констатира стагнација и во делот на недискриминација и човековите права во Северна Македонија, што е загрижувачко укажување после подолг период на потврден извесен напредок во оваа сфера.

