Бугарскиот европратеник Ковачев може да ја мобилизира националистички настроената јавност во Бугарија и да внесе нова доза недоверба меѓу Скопје и Брисел. За среќа, европската бирократија е посклона кон правно чисти формулации отколку кон Фејсбук-политика.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Во политички наелектризирана атмосфера во очи на клучната пленарна седница на Европскиот парламент, секој збор се мери и секоја реченица може да биде искривена до непрепознатливост. Последен пример за тоа е објавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој на својот Фејсбук профил триумфално објави дека „успеале да го избришат македонскиот јазик и идентитет од извештајот за Македонија” онака како што беше усвоен од Комитетот за надворешна политика, пред пленарната сесија.
Но вистината, како што често се случува во европската политика, е посложена и далеку од црно-бела. За жал, тоа е лекција што македонската јавност, политичарите и медиумите никако не ја научија. Веќе две децении, истата мала група бугарски политичари, со Андреј Ковачев во првите редови, со антимакедонски изјави и статуси успева да ја диктира агендата во Скопје. Наместо ладнокрвно игнорирање или стратешко демантирање, македонскиот политички и медиумски простор постојано паѓа во стапицата на истите провокации, третирајќи ги како официјална политика на ЕУ, што не се.
До овој момент нема официјална потврда од Европскиот парламент, ниту од известителот Томас Вајц дека било кој амандман за „бришење“ на македонскиот јазик бил прифатен или дека формулацијата ќе се врати на старата, која го заобиколува јазичниот и идентитетскиот израз на Македонија. Напротив, последната верзија на Извештајот, изгласана со убедливо мнозинство во Комитетот за надворешни работи (AFET), содржи формулација која за првпат јасно и гласно го именува македонскиот јазик, како што тоа го прави и самата ЕУ во Преговарачката рамка.
Теоретски, можноста за враќање на старите формулации постои. Сè уште претстои пленарната седница каде секој европратеник може да поднесе амандман. Но прашањето е не дали е тоа формално можно, туку дали е политички изводливо.
Компромисот веќе е постигнат, секое враќање назад ќе удри по кредибилитетот на ЕП.
Гласањето во AFET беше резултат на недели интензивни преговори, за кои пратеници од различни политички групи, вклучително и од Европската народна партија (ЕПП), либералите, социјалистите, демократите и Зелените, изразија подготвеност за компромис во име на европската иднина на Северна Македонија. Повлекувањето на тие формулации сега, под притисок на неколку бугарски пратеници, би било не само дипломатска грешка, туку и политичка неконзистентност која директно го руши кредибилитетот на самиот Европски парламент.
Истите тие европратеници кои со недели се бореа против бугарските амандмани, вклучително и од сопствената група на Ковачев, ќе треба да објаснат зошто би гласале поинаку на пленарната седница. Таквата контрадикторност не е само апсурдна, туку и опасна за политичкиот авторитет на ЕУ во регионот.
Дополнителна иронија доаѓа од фактот што најгласните бугарски европратеници, кои се залагаат за „бришење“ на македонскиот идентитет, најчесто доаѓаат од политичкиот спектар близок до ЕКР (ECR), група во која доминираат токму сојузниците на македонската власт – пратениците блиски до Виктор Орбан.
И додека премиерот Христијан Мицкоски не пропушта да ја истакне „стратешката поддршка“ од Будимпешта, факт е дека во AFET токму оваа политичка фамилија не застана зад македонската позиција. Од унгарските пратеници само двајца беа воздржани, додека останатите ниту гласаа против бугарските амандмани, ниту дадоа поддршка за јасната формулација за македонскиот јазик. Најголемата поддршка, парадоксално, дојде од европските „левичари“, либерали и зелени, а не од конзервативните сојузници на Владата.
Затоа сега се поставува прашањето дали Орбан ќе го спаси македонскиот идентитет на пленарната на ЕП?
Постот на Ковачев може да ја мобилизира националистички настроената јавност во Бугарија, но ризикува да внесе нова доза недоверба меѓу Скопје и Брисел. За среќа, европската бирократија е посклона кон правно чисти формулации отколку кон Фејсбук-политика.
Во следните денови многу ќе зависи од тоа дали европратениците ќе се придржуваат до гласањето во AFET или ќе подлегнат на новиот бран притисоци. За Македонија, секој обид за ново бришење ќе биде тест не само на европските вредности, туку и на капацитетот на македонската дипломатија да мобилизира вистински сојузници, а уште поважно, тест за тоа дали македонското општество конечно ќе престане да биде заложник на туѓи провокации.